Граѓани, светски лидери и членовите на кралското семејство денеска се збогуваат со кралицата Елизабета Втора, која помина седум децении на британскиот трон. Стотици илјади одаваа почит на кралицата, а илјадници веќе стојат низ улиците на Лондон откако уште во текот на ноќта ги зазедоа своите позиции.
Мојот прекрасен син е роден тука, тој е Британец и јас ова место го нарекувам дом. Таа направи да се чувствувам како дома и на безбедно, како и секогаш. Секогаш ми беше пример. Не можев повторно да ја видам на ТВ, тешко ми е. Беше инспирација за многу млади жени и јас бев една од нив, таа секогаш ќе биде во моето срце, изјави една жителка на Лондон.
Меѓу 2.000-те поканети на погребот има околу 500 светски лидери и претседатели – Џозеф Бајден, Емануел Макрон, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел. Меѓу нив и е македонскиот претседател Стево Пендаровски со сопругата, кој уште синоќа остави порака во книгата на жалост. На погребот има членови на кралските семејства од Шпанија, Монако, Норвешка, Холандија, Данска, како и јапонскиот император Нарухито. Дел од државниците се сеќаваат на својата прва средба со кралицата.
Беше многу љубезна, ни малку претенциозна, така што иако бев малку загрижена пред средбата со кралицата Елизабета, во моментот кога дојде и почна да разговара со мене, сите потешкотии исчезнаа. Беше всусност како средба со стар познаник, раскажа претседателката на Тринидат и Тобаго Пола-Меј Викс.
Погреб на кралицата Елизабета, првиот државен погреб по смртта на премиерот Винстон Черчил во 1965 година е еден од најголемите логистички предизвици во британската историја.
Погребот го обезбедуваат повеќе од 10.000 полицајци од цела Велика Британија, бидејќи се очекува рекорден број луѓе да ја следат погребната поворка.
Во Велика Британија денеска ќе запре речиси се, затворени се продавниците, канцелариите, рестораните… Јавноста погребот ќе го следи во стотина кина и во паркови на големи монитори.
Кралицата ќе биде погребана во капелата Свети Џорџ во Виндзор покрај нејзиниот сопруг принцот Филип. Пред погребот Кралот Чарлс Трети рече дека е „длабоко трогнат“ од јавната поддршка за него и неговото семејство. Сопругата на кралот Чарлс Трети вели дека кралицата во последните денови од животот била осамена.
Таа засекогаш ќе биде дел од нашите животи. Сега имам 75 години и не можам да се сетам на никого освен на неа. Сигурно и било тешко бидејќи беше осамена жена. Немаше жени на премиерите или на претседателите. Таа беше единствена и мислам дека сама ја обликуваше својата улога. Постави правило да има свое приватно време и свои сопствени желби во врска со својата јавна улога. И мислам дека е многу важно знаете, се да биде испланирано. Кога сте на должност кога мора да ги исполните обврските. Потоа кога отиде во Шкотска во август, тоа беше момент во кој уживаше, рече Камила.
Ковчегот на кралицата од палата Вестминстер е пренесен во Вестминстерската опатија каде се одржува државен погреб. Ковчегот беше поставен на лафет кој го влечат офицери на морнарицата, што е традиција од погребот на кралицата Викторија во 1901 година. Поворката ја предводат 200 гајдаџии и тапанари на Кралското воено воздухопловство, а зад ковчегот е кралот Чарлс Трети и членовите на британското кралско семејство. После проповедта и двоминутното молчење, државниот погреб завршува со интонирање на националната химна и проштална песна од кралскиот гајдаџија.
Да, чест ми е. Во моментот сум на служба во Кралските воздухопловни сили, така што тоа го правам во име на Кралските воздухопловни сили и тоа како жена за неверојатната дама која никогаш нема да биде заменета. Ми беше чест, изјави Криси Хиреј, жителка на Лондон.
Попладне, ковчегот на кралицата Елизабета Втора ќе биде однесена во замокот Виндзор каде ќе биде погребана вечер во кругот на најтесното семејство. На верската служба ќе има 800 луѓе, меѓу кои и членови на персоналот на кралицата. Во 20 часот и 30 минути, кралицата ќе биде погребана, во кругот на најтесното семејство, во меморијалната капелата на нејзиниот татко Џорџ Пети. Кралицата Елизабета втора почина на 96-годишна возраст на 8 септември. Таа беше монарх со најдолго владеење во британската историја и најстар шеф на држава во светот.
Билјана Ставрова