На денешната владина седница разрешен е државниот правобранител Фехми Стафа, потврдија од владата. Неговиот мандат истекол вчера, а на денешната седница не е назначен нов државен правобранител.
Од владата велат дека ќе се распише оглас за избор на нов човек за таа позиција. Стафа, пак, денеска поднел неотповиклива оставка до владата од лични причини.
Инаку, Стафа пред неколку месеци, поднесе кривична пријава за неуспешната конфискација за случајот Трансмет, против обвинителите Гаврил Бубевски и Артан Ајро, како и за досегашниот директор на финансиската полиција, Арафат Муареми.
Во кривичната пријава што ја објави КОД на Телма, правобранителството оцени дека тројцата заедно со Сеад Кочан овозможиле префрлање на имот, додека траела истрагата за Трансмет во СЈО.
Обвинителството ја истражува и неговата улога, односно на државното правобранителство, во случајот со конфискацијата на имотот на бизнисменот Сеад Кочан.
А, Муареми преку финансиска полиција покрена повеќе постаки за Стафа, меѓу кои и за вработување на несудената конзулка Бесмира Ејупи. Сите пријави се доставени во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во кое Советот на јавни обвинители и Државното обвинителство ја суспендираа раководителката Вилма Русковска.
На денешната седница, владата го назначи горан иванов за в.д. директор на Управата за финансиска полиција.
Прифатено е барањето на Арафат Муареми да не биде повеќе на директорското место во оваа институција.
Горан Иванов, доаѓа од позицијата инспектор во управата, каде е вработен две години. Директорот на финансиската полиција, Арафат Муареми поднесе оставка, минатиот вторник, откако му истече мандатот како В.Д. директор.
Муареми се повлече по судирот со обвинителката Вилма Русковска, која изврши претрес во управата и во неговиот кабинет, поради сомнеж за затајување предмети.
Тогаш Муареми поднесе кривична пријава против Русковска, поради што таа е суспендирана од обвинителството за организиран криминал.