Нов обид за евакуација на украинските цивили од боиштата на истокот и југот на земјата. Украина и Русија договориле 12 часовно примирје и безбедни коридори од градовите Суми и Ирпин, и според извори од двете страни евакуацијата за сега тече без проблеми. Утрово Москва повторно објави дека во сила ќе стапи прекин на огнот и ќе бидат отворени повеќе хуманитарни коридори.
„Со цел безбедна евакуација на мирните граѓани од населените места, денес од 10 часот по московско време, се воведува прекин на огнот и се отвараат хуманитарни коридори од Киев, Чернихив, Суми, Харков и Мариупол.“ – изјави Игор Конашенков – портпарол на руското Министерство за одбрана.
Инвазијата влезе во 13 ден а постигнување договор за прекин на воените дејства преку преговорите во Белорусија, е исто толку далеку како и на првиот ден. Францускиот претседател, Емануел Макрон, не верува дека таков договор би бил наскоро постигнат, но повтори дека дипломатијата мора да продолжи и руските ставови мора да бидат земени во предвид.
„Не може да постои траен мир ако Русија не е вклучена во големата шема, во големата конструкција на мирот на нашиот континент. Бидејќи историјата и географијата се тврдоглави, и ова го кажувам во најлошиот момент, момент во кој е најтешко ова да се каже, но го реков тоа и пред две години, три години, четири години, и сѐ уште е точно, но тоа мора да биде направено со фер правила и да гарантира дека ниту една нација, ниту еден народ нема да биде понижен“, рече францускиот претседател Емануел Макрон
Остатокот од западните земји продолжуваат да тврдат дека руската инвазија не оди според планот и поради тоа руската армија станува се по очајна и прибегнува кон варварски тактики на бомбардирање населени места.
„Препознавме дека најверојатно најголемиот број жртви се на страната на руските војници, кои беа изневерени од ужасните лидери, ужасното раководство и ужасните планови. И сега гледаме како, буквално, умнираат во голем број.“ – истакна министерот за одбрана на Велика Британија, Бен Волас.
Путин, во видео обраќање објавено рано утрово, порача дека специјалната воена операција во Украина оди според планот и нема потреба од испраќање дополнителни воени единици.
„Повторувам, во борбените операции не учествуваат и нема да учествуваат војниците на отслужување редовен воен рок. Ниту ќе биде спроведена дополнителна мобилизација на резервниот состав. Поставените цели ќе бидат постигнати само од професионалните војници.“, рече рускиот претседател Владимир Путин.
Во истото видео објавено на денот на жената, Путин им се обрати и на мајките, сопругите, сестрите, невестите и девојките на војниците и им порача дека треба да бидат горди на нив.
Игор Трајков