Вести Свет

Цивилите брзаат да избегаат од уништените украински градови – трае 12 часовното делумно примирје

Евакуацијата на цивилите од повеќе украински градови се одвива денеска откако Русија и Украина договорија 12 часовно делумно примирје и отварање хуманитарни коридори.

„Беше договорено дека во 10 часот утрото ќе тргне првиот конвој од градот Суми.“, рече Ирина Верешчук – заменик премиер на Украина.

Првиот конвој од Суми, град во североисточна Украина кој беше опсаден од руските сили во првите денови на инвазијата, веќе пристигна во Полтавската област. Но во Мариупол на југот и населбата Буча во Киев евакуацијата не оди според планираното и украинската страна ја обвини руската дека ги гранатирала хуманитарните коридори.

Денеска е 13 ден од почетокот на инвазијата а постигнување договор за прекин на воените дејства преку преговорите во Белорусија, е исто толку далеку како и на првиот ден. Францускиот претседател, Емануел Макрон, не верува дека таков договор би бил наскоро постигнат, но повтори дека дипломатијата мора да продолжи и руските ставови мора да бидат земени во предвид.

„Не може да постои траен мир ако Русија не е вклучена во големата шема, во големата конструкција на мирот на нашиот континент. Бидејќи историјата и географијата се тврдоглави, и ова го кажувам во најлошиот момент, момент во кој е најтешко ова да се каже, но го реков тоа и пред две години, три години, четири години, и сѐ уште е точно, но тоа мора да биде направено со фер правила и да гарантира дека ниту една нација, ниту еден народ нема да биде понижен“, изјави францускиот претседател Макрон.

Остатокот од западните земји иако тврдат дека руската инвазија не оди според планот и поради тоа руската армија станува се по очајна и прибегнува кон варварски тактики на бомбардирање населени места, сепак нема да го затворат небото над земјата. Главната причина зошто западот не го прифаќа барањето, кое Киев се погласно го повторува, е загриженоста дека војната може да се прелее надвор од границите на Украина.

„Мораме да се погрижиме последиците од постапките кои ги преземаме, вклучувајќи ја и смртоносната помош, бидејќи, знаете, Русите предупредија дека ќе има реперкусии за земјите кои го направиле тоа, се внимателно одмерени за да се осигураме дека нема да има ескалација во војна ширум Европа., изјави Бен Волас – Министер за одбрана на Велика Британија

Во видео обраќање објавено рано утрово, рускиот претседател одговори на критиките дека руската армија е заглавена во Украина, поради лошата логистика и нискиот морал, тврдејќи дека специјалната воена операција оди според планот и нема потреба од испраќање дополнителни воени единици и мобилизација на резервниот состав.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има – ова беа дел од пораките на маршот во Кочани

Дејан Дејан

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе