Македонија се најде на списокот од 48 држави и територии означени од страна на Русија како непријателски. Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, во моментот на објавување на списокот од страна на руското МНР информираше дека нашата земја не добила официјално известување за тоа.
„Ние не сме информирани официјално по однос на променет став на Руската Федерација по однос на нашата држава. Нашата позиција кон Руската Федерација во контекст на оваа агресија е јасно искажана, таа е јавно манифестирана, и ние ќе се придружиме на сите одлуки на ЕУ во однос, но и во дефинирање на односот, кој што ќе го имаме кон руската Федерација“, изјави Османи.
Црната листа на Русија уследи два дена откако рускиот претседател Владимир Путин издаде декрет за составување на список на земји кои ѝ воведоа санкции на Русија, нејзини компании, организации и поединци. На листата освен Македонија се најдоа и сите членки на Европската инија, САД, Велика Британија, Канада, Австралија, Јапонија, Норвешка, Швајцарија, како и Црна Гора и Албанија.
Според указот, руските граѓани и компании кои имаат девизна обврска кон странски кредитори од списокот на непријателски земји, повисоки од 10 милиони рубли месечно, ќе можат да го платат во рубли.
Освен ставањето на црната листа на Русија, викендов и од руската амбасада во Скопје стигна и кретно предупредување до Македонија за нејзиниот став околу руската инвазија на Украина. Руската амбасада преку твитер испрати предупредување дека ги евидентира сите активности во земјава кои таа ги смета за русофобија, а кои во заднина ја имаат, како што наведуваат, „специјалната воена операција во Украина“.
Шефот на македонската дипломатија објавата ја оцени како непористојна и класична закан.
„Како закана кој што е надвор од нормалната дипломатска комуникација меѓу две држави и врз основа на тоа, после овој состанок јас имам организирано средба тука во Министерството за да решиме која ќе биде нашата реакција по однос на оваа објава, за што ќе информираме после состанокот“, рече Османи.
Тој денеска информираше земјава засега не планира да го прогласи рускиот амбасадор за персона нон грата. Тоа би можело да се случи, како што објасни Османи доколку амбасадорот ја прекрши Виенската конвнција или доколку биде донесена таква како одлука на ниво на НАТО или ЕУ.
Османи кој кажа дека во моментов не постои директна закан по безбедноста на Македонија поврзано со руската инвазија на Украина и нема кредибилни информации дека има безбедносни закани и за регионот, сепак нагласи дека во ЕУ и кај партнерите се поголемо е разбирањето за укажувањето на земјите од регионот, вклучително и од Македонија, дека европската интеграцијата на Западиот Балкан не е само политичко прашање, туку и безбедносно.
Османи во тој контекст се надева дека доколку се постигне решение со Бугарија, Унијата до јуни да донесе одлука за старт на преговорите со земјава, иако, како што вели тој, не сака да дава конкретни рокови за тоа.
Тамара Грнчароска