Вести Економија Македонија Топ вести

Цените одмрзнати, а маржите замрзнати – граѓаните стравуваат од ценовни шокови, но повикуваат да нема паника

Рафтовите во маркетите деновиве беа испразнети, а цените веќе се одмрзнати. Од денес на сила е и мерката за замрзнување на маржите или разликата помеѓу набавната и продажната цена на трговските стоки и тоа на пет отсто за трговците на големо, а десет отсто во трговијата на мало, за најнеопходните прехранбени производи.

Од здруженијата и различните сектори сè уште не знаат како ова ќе се одрази на нивните бизниси.

Луѓето, пак, секој со својот есап, но стравуваат од ценовни шокови. Сепак, не сметаат дека треба панично да се празнат продавниците и да се полнат резервите.

„Еве јас сакав шпагети да купам, а нема шпагети. Се создава паника и луѓето масовно купуваат. А, не сме свесни дека ако не дај Боже се случи војна како во Украина и шпагети и сè друго ќе оставиме за да спасиме жива глава.“

 

„Сè е најскапо. Нема ништо евтино. Според нашите плати – сè е скапо! Но, нема зошто да стравувам. Како ќе биде за сите, така ќе биде и за мене.“

 

„Ковид-кризата, воената криза, покачувањето на бензините. Сето тоа доведува до покачувањето на цените. Само платите тапкаат во место.“

 

„Слушам дека од денес секој ќе си ги формира цените како што сака. Заради тоа стравувам за сите нас. И околу домашниот буџет и околу случувањата со војната и сè.“

Владата, пак, тврди дека нема панично создавање залихи од страна на купувачите туку некои трговци самите си ги повлекле производите од рафтовите.

Целта им била денес да ги вратат назад во продажба и тоа со нови цени. Заради тоа државните пазарни инспектори постојано се на терен и прават инспекции.

„Тоа целосно е утврдено од страна на надлежните институции. Ние нема да дозволиме тоа да се случи. Не е време да се шпекулира и да се манипулира, а посебно не кога тоа се прави врз грбот на граѓаните и зголемувањето на нивните трошоци. Сите тие трговци ќе бидат санкционирани согласно прописите и законите во нашата држава“ вели Крешник Бектеши, министер за економија.

Од последните проценки се утврдило мало зголемување на цените и тоа кај месото.

Но, луѓето сега се организираат со позатегнати домашни буџети заради целата состојба во моментов и лошите прогнози.

Пазарџиите велат колку можат купувачите, толку и ќе се купува. Но, некои трендови во економијата трајно влијаат на животниот стандард.

„Нема доволно пари и нормално, муштеријата којшто има намера да земе две работи – ќе земе една, а тој што има намера да земе една ќе си отиде денес и ќе дојде утре да купи. Еве да речеме, компирот денес е 50 денари, утре е 70 денари, а потоа паѓа на 30 денари. А, зејтинот, лебот, тие работи коишто најосновни работи, е тоа е лошо за народот“ вели Насер Исмаили, пазарџија.

Следуваат поскапувања и на основното – лебот, но засега од коморите не прецизираат за колку денари. Во моментов се прават пресметките.

Сепак, од бизнисот смируваат дека поскапувањето нема многу да удри по џебот на купувачите.

„Врз основа на потребните калкулации, сите правни субјекти независно еден од друг размислуваат и гледаат како тоа ќе се движи и какви цени ќе имаат прехранбените производи. Тука не е само обичниот леб, тука има повеќе пекарски производи. Тоа нема да бидат покачувања коишто драстично ќе се одразат на куповната моќ на граѓаните“ вели Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори.

Според најновите проекциите на ММФ – трошоците на живот годинава ќе се зголемуваат повеќе од првичните проекции односно инфлацијата годинава се проценува дека ќе достигне 4,3%, што е повеќе од минатата година, кога заврши со 3,2%.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски: Претседател на суд има плата од 180.000 денари, што мислам дека е малку многу, а просечната плата во државата е 45.000 денари

Дејан Дејан

Мицкоски: Апсолутно не гледам потреба за зголемување на буџетот за правосудниот систем

Дејан Дејан

Граѓаните ќе плаќаат данок од 18 отсто на сите пратки од „Тему“ и „АлиЕкспрес“кои се над 22 евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе