Во однос на јавниот долг, првиот човек на државниот завод за ревизија Максим Ацевски во вечерашната Топ Тема на Телма изјави дека загрижуваат човечките ресурси со кои располага министерството, организационата форма во која се грижи за начинот на задолжување, но и капацитетот на нашата држава за повлекување на средствата за одредени транши или кредити, кои што се од одредени меѓународни финансиски институции, како и високата маржа за платени споредни трошоци за неискористените кредитни транши.
Тој го посочи примерот за платените споредни давачки за неповлечени кредитни транши за пругата Куманово – бугарска граница, каде што државата платила или ќе плати 4,35 милиони евра или за изградбата на гасоводот каде нашата држава има платено 3,9 милиони евра. Тоа се пари платени за ненавремено искористени кредити.
„Тука е клучното прашање, зошто и кој дозволил и зошто дозволил да не се повлекуваат навреме средствата или зошто немаме добро планирање на капиталните инвестиции.“ – изјави Максим Ацевски, главниот државен ревизор.
Универзитетскиот професор, Борче Треновски, оцени дека јавниот долг станува интересен кога го поминува она ниво кое се смета за одржливо ниво, односно нема да бара намалување на други трошоци.
„Рамнотежното ниво на јавниот долг во нашата држава, според академските проценки, е некаде околу 56%. Во сегашната ситуација најважно е дали продуктивно се трошат сите овие расходи и од долгот и од останатите расходи.Ако погледнете колкав е долгот во однос на јавните приходи, тоа е 2,8, значи две годишни јавни приходи се потребни, да не трошите ништо друго, само да го плаќате долгот. “ – изјави Треновски.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, изјави дека владата многу сериозно ги сфаќа сите овие укажувања.
Во однос на контролниот механизам, не само за капиталните инвестиции, Грковска оцени дека покрај соработката со институциите, остварена е и континуирана соработка со невладиниот сектор во однос на трошење на државните пари, за да се создаде механизам за подобра контрола како и за воспоставување на систем кој ќе стане поефикасен и потранспарентен.