Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека имал долг разговор со американскиот претседател Џо Бајден, на кој разговарале за заедничките активности за намалување на тензиите во односите со Русија.
Вашингтон ја поддржува Украина во кризата предизвикана од акумулацијата на руски воени трупи на нејзината граница, која Украинците ја сметаат за закана и нарушување на националната безбедност, додека Русија негира дека планира напад врз соседната земја.
„Разговаравме за дипломатските напори за намалување на тензиите и договоривме заеднички акции во иднина. Му се заблагодарив на претседателот Бајден за континуираната воена помош. Разговаравме и за можната финансиска помош за Украина“, објави украинскиот претседател преку Твитер.
Белата куќа објави официјално соопштение во кое се наведува дека претседателот Џо Бајден во разговорите со својот украински колега ја повторил подготвеноста на Вашингтон за решителен одговор во случај Русија да ја нападне Украина.
Во соопштението, исто така, се вели дека Бајден рече дека САД бараат начини да обезбедат дополнителна макроекономска поддршка за да и помогнат на економијата на Украина поради притисокот од трупањето руски војници во пограничната област.
Русија, пак, вели дека гледа „мал простор за оптимизам“ во решавањето на кризата откако САД ги отфрлија главните барања на Русија. Акумулацијата на десетици илјади руски војници на границите на Украина во последните недели предизвика страв од инвазија.
„Претседателот Бајден рече дека постои јасна можност Русите да ја нападнат Украина во февруари“, рече портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Емили Хорн.
„Тој тоа го кажа јавно и за тоа предупредуваме со месеци“, додаде таа.
Цитирајќи неименувани извори, Аксиос посочи дека Зеленски и Бајден не се согласуваат за непосредната закана. Некои воени експерти сугерираат дека Русија можеби чека да замрзне тлото во Украина за да можат да се движат наоколу со тешка опрема.
САД, исто така, се заканија дека ќе го стопираат отворањето на клучниот гасовод што ќе испраќа руски гас во Западна Европа, доколку Русија ја нападне Украина.