Вести Македонија Најважни

Харвард, филозофски мисли, уживање во документарци за меѓународен пазар, преводи на Џејн Остин и Ајнштајн-што пишале кандидатите за министри во своите биографии

Харвард е поврзан со едногодишната обука за извршни директори на мандатарот Ковачевски кој во биографијата пријавил дека е доктор по економски науки, со дводецениски стаж на високи позиции во телекомуникациските компании и најмногу во Телеком, а последниот објавен труд му е за „Буџетирање за родова еднаквост во време на пандемија“.

Најгорливото прашање на меѓународен план за тимот на Ковачевски е односите со Бугарија за кои во програмата на идната влада е напишано дека ќе се продолжи со разговори со пријателската држава, историјата ќе им се остави на историчарите, а е подвлечена и дебела црвена линија.

Програма на влада предложена од мандатор Ковачевски, страна 53

-За Владата на Северна Македонија нема да постои никаква дилема дека никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик.

Тимот кој го предложи Ковачевски има 6-мина дипломирани економисти, 6-мина дипломирани на скопскиот Правен факултет Јустинијана Прима кој останува главен креатор на функционерски кадри.

Нема ниту еден дипломиран филозоф, ама во биографиите има една филозофска мисла. „Каде што има визија има и промени“- ова е животната филозофија на преживеаниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Наместо во пишана форма, преку инфографик Спасовски се претставил и како „носител на тешки одлуки“.

Слично по форма ЦВ има и предложената вицепремиерка за борба против корупција, Славица Грковска која ни открива дека од мај лани работела во МВР во Секторот за информатичка технологија. Стигнала на теренот на Спасовски, само еден месец по информатичко-управната афера со стотици лажни пасоши за светски криминалци.

Биографијата на Бујар Османи е кратка, една word страничка- на која повеќе од половина си запишал заслуги за успех во државните евро-интеграции како вицепремиер, и потврдува дека е единствен дипломиран лекар со медицина во владата.

А не е во здравство каде е дипломираниот стоматолог Беким Сали од Алтернатива, кој пред повеќе од една децинија во време на ДПА министерот Имер Селмани му бил шеф на кабинет, а во биографијата навел и учество на семинар за здравствен туризам пред 5 години во Бурса.

За ресорот на Сали, во владината програма пишува дека ќе треба да ја стимулира вакцинацијата на младите, а поголем процент вакцинирани ќе треба да дојде и со рестрикции, додека опозицијата ќе биде убедувана да гласа за законот за изградба на новиот клинички центар како државен приоритет.

Неговиот сопартиец, Џемаил Чупи, дипломиран политиколог, со искуство на веро-учител, и одбиен амбасадор од Кина, има двојазична биографија како и сите Албанци министри, но неговото е карактеристично по тоа што е преведено со гугл транслејт.

Дебарчанецот Чупи треба да биде без ресор, а надлежен за дијаспората, па си пишал дека омилено хоби му е уживање во новости и документарци за меѓународен пазар, како и читање на дела за историа (без ј) и цивилизација (со ј).

Во новата програма се најде и место за Скопје 2014-та, со сличен план како и првата влада на Заев пред 5 години.

Програма на влада предложена од мандатар Ковачевски, страна 49

-Во 2022 година ќе извршиме ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од т.н. проект „Скопје 2014“, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство.

За тоа ќе треба да се грижи новата министерка Бисера Стојчевска Костадиновска, пратеничка позната и по скфандер гласање, а дипломиран филолог и универзитетски професор по англиски јазик во Битола.

Нејзината биографија кажува дека своевремено ја преведувала „Теоријата на релативност“ на Ајнштајн, книгата за досиејата на ФБИ и „Гордост и предрасуди“ од Џејн Остин која пак во оригиналот на англиски е напишана погрешно со две е во цв-то на единствената професорка по англиски во новата влада.

Во програмата на владата е наведено дека ќе се вложува во обновлива енергија, меѓу кои е и проектот Стипион планиран за изградба на плодна почва.

Ќе се работи на озаконување на крипто валутите, ќе продолжи дигитализација на образованието. Планирана е и борба против корупцијата во сопствените редови која ќе почне и со визуелно и аудио снимање на граничните службениц- нешто слично како во актуелниот австралиски случај Ѓоковиќ.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има – ова беа дел од пораките на маршот во Кочани

Дејан Дејан

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе