Ден откако Бугарија регистрираше рекорден број новозаболени од Ковид-19, во Софија се одржа протест против ковид мерките и зелениот сертификат, на кој демонстрантите се обидоа да упаднат во Народното Собрание. Протестот беше организиран од партијата Преродба која бара укинување на рестриктивните мерки и зелениот сертификат, обвинувајќи дека нивното продолжување ќе значи смрт за бугарската економија.
Додека демонстрантите мирно скандираа „долу маските“, од организаторите стигна повик мажите да застанат во првите линии, а жените и децата да се повлечат назад, и да тргнат кон собранието. Полицискиот кордон беше пробиен и демонстрантите стигнаа до церемонијалниот влез на Народното Собрание, но беа спречени да влезат од припадниците на Националната служба за обезбедување кои го забарикадираа влезот со маси и столици. Тоа и даде доволно време на полицијата да се прегрупира и да ги одбие демонстрантите назад.
Откако малку се смирија страстите, пратениците на Преродба побараа да им се дозволи да влезат во собранието и да разговараат за укинување на мерките, никој не се согласи да се сретне со нив.
Премиерот Петков, кој е во карантин, ги повика демонстрантите да изберат 10 луѓе со кои би се сретнал во петок, кога ќе му истече изолацијата, изразувајќи отвореност за нови идеи како државата подобро да се справи со корона кризата.
Бугарија има најниска стапка на вакцинација од сите членки на ЕУ, а само 28-те проценти вакцинирани се повеќе од двојно помалку од европскиот просек од 69 проценти.
Игор Трајков