Никола Димитров ги симна ракавиците и во последните неколку дена како вицепремиер за европски парашања ги извади на виделина сите несогласувања во владиниот тим околу водењето на преговорите со Бугарија. Тој директно денеска изрази недоверба во министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во водењето на процесот со Бугарија.
„Да, немам целосна доверба во министерот за надворешни, до скорешниот еве уште два или три дена колега, по ова прашање… Имам едно чуство дека таму има драјв за ’успех по секоја цена’ што мислам дека не е продуктивен и е опасен. Можеби и грешам. се надевам дека грешам“, рече Димитров.
Димитров притоа вели дека дел од преговарачкиот тим од македонска страна е подготвен на отстапки кон Бугарија, без притоа да се бараат возвратно чекори од Софија, но не сакаше да открие дали влогот за тоа се идентитетските прашања.
Сепак, концесијата на која е подготвена Македонија кон Бугарија, Димитров рече дека не е содржана во одговорите на Скопје до Софија на нејзините пет плус едно барање.
„Одговорите беа предмет на тешки консултации, интерно, од наша страна, меѓутоа на крајот успевме да изградиме заеднички став. И ако решението се темели на тие одговори, мислам дека ќе биде едно достоинствено решение на проблемот“, изјави Димитров.
Тој притоа рече дека во одговорите влегло неговото барање Бугарија да се обврзе да ја прифати преговарачката рамка и да даде зелено светло за преговорите со Македонија и се тоа да биде на линија на португалкиот предлог.
Димитров денеска на последната прес-конференција како вицепремиер не ги поштеди ни премиерот во заминување, но и тој на доаѓање. За Димитар Ковачевски рече дека нема баш искуство и знаење во надворешната политика, додека индиректно на Зоран Заев му порача дека своите принципи никогаш нема да ги напушти за функција и фотелја. Димитров отворено кажа дека не бил пожелен во новата влада и оти неговото повлекување не е негова лична одлука.
„Тоа е веројатно прашање повеќе за идниот премиер. Па можеби и за стариот премиер. Не знам. Меѓутоа очигледно разликите се темелат на овие два столба – моите позиции во однос на преговорите со Бугарија и принципиелноста за определни прашања“, појасни Димитров.
Димитров денеска на заминување со порача до новата и на сите идни влади дека ќе и пречка за носење на лошо решени со Бугарија.
„Едноставно прашањето е поважно од владата. Ќе бидам брутално остар и јасен ако слушнам или видам или почуствувам дека работите одат во лош правец. Пре-важно е прашањето за политички суети“, дециден е Димитров.
Тамара Грнчароска