Економија Топ вести

2021 беше одлична за најбогатите 10 луѓе во светот, чие богатство порасна за 402 милијарди долари

Ниту втората година од пандемијата и сите негативни влијанија која таа ги носи за глобалната економија, не ги спречи 10-те најбогати луѓе на светот, да заработат 402 милијарди долари. Растот на богатството е уште поимпресивен ако се погледне листата на 500-ната најбогати, кои во 2021 се збогатиле за дополнителни еден трилион долари.

На врвот на листата е Илон Маск, чие богатство минатата година ја достигна границата поставена од Џон Дејвисон Рокфелер, пред речиси сто години. Ниту медиумските испади на основачот на Тесла и Спејсекс, не го спречија речиси да го удвои своето богатство во 2021, зголемувајќи го од 156 милијарди на 273, што претставува раст од 75 проценти. Овој стратосферски раст на богатството е резултат на перманентното зголемување на цената на акциите на Тесла, но и растот на пазарната вредност на Спејсекс, чии најнови проекти се закануваат да ѝ го одземат приматот на НАСА во вселенското истражување.

Се соочуваме со избор, каква иднина сакате? Дали сакате иднина во која ќе станеме вселенска цивилизација, проширена на многу светови таму надвор меѓу ѕвездите? Или иднина во која засекогаш ќе бидеме затворени на Земјата? Јас велам првата, и се надевам дека се согласувате со мене, порача Маск на една од презентациите на новите ракети на Спејсекс.

Втор на листата е основачот и поранешен извршен директор на Амазон, Џеф Безос, кој заедно со четврто рангираниот Бил Гејтс, се простија од значителен процент од своите богатства поради развод. Само висината на оштетата која Гејтс ја плати на, сега веќе поранешната сопруга, Мелинда Френч Гејтс ја смести на листата 500 најбогати на светот.

Трет на листата е Бернард Арно, извршниот директор на мултинационалниот конгломерат за луксузни добра, под чија капа се брендови како Луи Витон Диор. Арно минатата година заработил 62,7 милијарди долари, зголемувајќи го богатството за 55 проценти.

На петтото и седмото место се коосновачите на Гугл, Лери Пејџ и Сергеј Брин, чии богатства пораснале за 55 и 56 проценти, а меѓу нив, на шестото место е основачот на Фејсбук, Марк Зукерберг кој за една четвртина го зголемил своето богатство. По нив следуваат поранешниот извршен директор на Мајкрософт, Стив Балмер, медиумскиот могул Ворен Бафет и поранешниот извршен директор на Оракл, Лери Елисон.

Дури петмина од 10-те најбогати, во „кризната“ 2021 го зголемиле своето богатство за повеќе од 50 проценти, неспорно посочувајќи го фактот дека мултимилијардерите имале одлична година. Тоа сепак не може да се каже за кинските милијардери, затоа што Пекинг им фрли око на технолошките гиганти во име на заедничкиот просперитет, па така двајцата најбогати Кинези, Џек Ма, основачот на Алибаба и Хуи Ка Јан, извршниот директор на Евергранд груп, изгубија заедно 61 милијарда долари.

И додека мегабогатите профитираа од растот на пазарите и лабавата фискална политика, ефектите од пандемијата осудија дополнителни 150 милиони лица на екстремна сиромаштија, број кој, според Светската банка, дополнително ќе се зголемува ако продолжи растот на инфлацијата.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рускиот претседател Владимир Путин е заинтересиран да разговара за траен мир со Украина

Дејан Дејан

Во илјадици евра се проценуваат штетите на струмичките земјоделци чии посеви минатата седмица беа погодени од силно невреме

Дејан Дејан

Рама бара нова победа, Бериша сака камбек, Мета од притвор- избори во Албанија, македонскиот кандидат со владеачката коалиција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе