На покана на повеќе организации и политички партии, граѓаните се собраа на Плоштадот на Републиката во Белград. Бараат итно укинување на притворот за човекот кој вчера, како што велат, спречил багерот да ги гази граѓаните во Шабац.
Демонстрантите побараа од надлежните проблемот со аерозагадувањето да биде решен. Протестот го организираше неформалната група граѓани „Еко-стража“. Пред зградата на РТС насобрани граѓани скандираа „востание, востание“, а беше запален и еден факел.
Активистите најавија дека следната сабота ќе се организираат блокади на мостови и патишта низ Србија, во знак на протест против донесувањето на законот за експропријација.
Тие му порачаа на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кога ќе го потпише Законот за експропријација, добро да размисли дека „секоја куќа во Србија има барем еден чекан“.
- Ова е наш трет протест. Три зими всушност се организираме преку социјалните мрежи да собереме многу луѓе кои всушност можат да направат критична маса за да можеме да ги поттикнеме институциите во Србија да направат промена- Бојан Симишиќ, активист.
Добрица Веселиновиќ од движењето Да не го давиме Белград, изјави дека по вчерашното насилство кога маскирани хулигани со багер ги нападнаа насобраните граѓани во Шабац, тие денеска се собраа во Белград да им кажат на луѓето што навистина се случило во Шабац.
- Тука сме луѓето да разберат дека Српската напредна странка (СНС) ја злоупотребила државата за да им овозможи на хулиганите да прават што сакаат. Во Шабац беа приведени уште некои луѓе и ние ќе им помогнеме на секој начин. Бараме да бидат ослободени, а оние кои се навистина хулигани да бидат уапсени, изјави Веселиновиќ од движењето „Да не го давиме Белград“. Тој изјави дека ќе ја поддржи следната блокада во сабота, а ги повика граѓаните на протест утре во Лозница.
По обраќањето на говорниците на Плоштадот на Републиката, граѓаните тргнаа со протестна прошетка кон РТС каде ќе побараат нивните барања да бидат прочитани на РТС.
Синоќа, 48 часовен притвор доби Драган Миловановиќ Црни, демонстрант кој на вчерашната блокада на клучните патишта во знак на протест против донесувањето на законот за експропријација на земјиштето и законот за референдум го спречи возачот на багерот со членови на владеачката СНС да влезе во групата насобрани граѓани.
По повод вчерашните настани, поглаварот на Српската православна црква Порфириј упати апел во кој од сите граѓани побара мир и меѓусебно почитување.
Во реакцијата на вчерашните протести претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека луѓето кои ги блокираа патиштата „го прекршиле Уставот со загрозување на слободата на движење на другите луѓе“, но дека полицијата не интервенирала.
- Се фалат кога собираат 3.000 луѓе, да се соберат и 5.000, ќе се сложите, не е баш Бог за што. Газела беше блокирана од 50 луѓе од едната страна, 70 од другата страна, а во овој град живеат два милиони луѓе, изјави срспкиот претседател.