Апсолутно погрешно беше поврзувањето на исходот од локалните избори со позицијата претседател на владата, сметаат вечерашните гости во Топ Тема на Телма. Никола Спасов од агенцијата Рејтинг посочи дека со најавата за оставка помеѓу двата круга на локалните избори, Заев влегол во наративот на опозицијата дека ова не се обични избори, туку референдум за него и СДСМ.
Со тоа практично им ја оправда комплетно целата кампања која што тие ја водеа, а која претежно беше на национално ниво и за национални политики. И од тој апсект сметам дека успехот, меѓу другите успеси на опозицијата, е да од овие локални избори направи референдум за промена на власта, а со таа порака што тој ја испрати меѓу изборите само го зајакна, односно влезе во тој наратив. Мислам дека навистина немаше потреба од такво нешто. Точно е дека се обедини опозициајта, голем дел од луѓето, на пример од Левица, од урбаното јадро, можеби немаше да излезат во вториот круг, но при еден таков повик се мобилизираа да гласаат, оцени Спасов.
Според поранешниот министер Никола Тодоров, повеќе не е важно дали одлуката била импулсивна, или избрзана, важно е што после една таква изјава, Заев си остави многу малку опции за излез.
Кога тој ја најави, тотално непотребно, ја врза позицијата на Шилегов со својата позиција, јас тоа го разбрав дека тој ќе се повлече целосно. Јас не го разбрав дека ќе се повлече од СДСМ, а ќе остане премиер. Тоа му беше катастрофална грешка и тоа беше еден повик за акција на сите оние кои што не го сакаат, или кои што сметаат дека тој треба да оди. Тој ги обедини сите тие, дури и оние кои што не мислеле да гласаат, да излезат и да гласаат против него. Од таа грешка тој сега влезе во оваа ситуацвија од која нема друг избор, смета Тодоров.
Според Спасов оставката повлекува отварање на два фронта. Првиот е внатре во партијата, особено ако се земе предвид дека СДСМ го смени статутот и сега лидерот се избира на непосредни избори, а вториот е што ќе се случува со владата.
Тодоров оцени дека ВМРО-ДПМНЕ оствари одличен резултат на избори и доколку има предвремени избори, разликата од 50.000 кои ја имаа на советничките листи, ќе биде многу поголема и ќе изнесува најмалку 80.000. Смета дека најавите за формирање ново парламентарно мнозинство, уште пред одржувањето на изборите, можеби помогнале во мобилизацијата на јадрото на партијата.