Од утре ќе се бара писмена согласност од родителите на децата за скрининг во училиштата. Ова е последната најава на министерот за здравство Венко Филипче, откако почетокот на процесот веќе се одложуваше поради нецелосна подготовеност. Требаше да започне уште минатата недела, но анализата на бројот на ученици и класови во основните и средните училишта им одзема повеќе време на надлежните. Целата работа ќе се води преку електронскиот дневник и родителите веднаш ќе можат да прифатат или одбијат, нивното дете да биде тестирано.
„Апелирам родителите да го прифатат скринингот, тоа не е ништо страшно – се зема обичен брис кај децата исто како брисевите и за детектирање на други причинители на горнореспираторни инфекции, а со цел за пократко време да имаме еден пресек односно слика. Сега епидемиолошката ситуација е прилично мирна, немаме заболени деца, немаме ниту хоспитализирани деца – десетина до петнаесет во болницата во Козле и во ниту една друга институција“- Венко Филипче – Министер за здравство
Министерот тврди дека пренесување на вирусот нема во училиштата и скринингот се прави за да се види дали има асимптоматски носители помеѓу учениците. Ова се случува во моменти кога месец и половина учениците присуствуваат на настава со физичко присуство во своите училишни клупи. Од Министерството за образование и наука уверуваат дека состојбата во училиштата е стабилна и дневно се следи заедно со надлежните здравствени институции со кои се во постојана координација. Податоците покажуваат дека бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03% од вкупно 240 илјади ученици.
Петар Догов