Тешко е моментално Бугарија да ја сметаме за пријател поради начинот на кој се однесува кон Македонија и ја блокира нашата европска иднина, вели вицепремиерот Никола Димитров во интервјуто за „Би-Би-Си“.
„Не е пријателски да го доведувате во прашање јазикот на вашиот сосед. Не е многу пријателски да се блокира нешто што е толку важно за луѓето во Северна Македонија – нашата европска иднина. Навистина е тешко на некој начин да продолжите да ги нарекувате пријатели. Најприродната состојба би била нашите соседи да бидат нашите најголеми поддржувачи“, изјави Димитров.
Според него, јазикот на кој се зборува во една земја не треба да биде прашање за друга земја.
„За етничките Македонци во Северна Македонија, тоа е македонскиот јазик. Ова е прашање за луѓето во земјата. Ова не е прашање за друга земја, не е прашање за меѓународна организација. Инвестиравме многу во нашите односи со Бугарија. Го потпишавме Договорот за пријателство велејќи дека владите ќе работат и соработуваат гледајќи кон иднината, а за прашањата од историјата, формиравме Комисија на историчари за да разговара за оние делови од нашата историја кои се заеднички и ги поврзуваат двата народи, двете земји“, кажа Димитров.
Иако во ЕУ има консензус околу проширувањето, тој смета дека е потребна акција за да се врати довербата кај луѓето дека тоа е возможно и дека навистина постои европска иднина за Западен Балкан.