Граѓанските иницијативи кои поднесоа независни листи за локалните избори се залат на дискриминација и нерамноправен однос од Државната изборна комисија кон нив. Освен на бавно одговарање на нивните дописи до страна на Комисијата и неможноста да извршат увид во избирачкиот список, клучната забелешка која ја имаат независните граѓански листи за изборите е дека на гласачките имиња нема да стојат нивните имиња, туку ќе бидат именувани само како „група избирачи“. Тие го проблематизираат и нумерирањето на листите на гласачкотот ливче, кое според нив се прави на штета на независните, а во полза на политичките партии.
Имињата на граѓанските иницијативи кои поднесоа независни листи за локалните избори ќе ги нема на гласачкото ливче на 17 октомври. Наместо имињата под кои граѓанските движења се регистрирани во Централниот регистер, тие на гласачкото ливче ќе бидат запишани како „група избирачи“ дополнети со името на носителот на листата. Одлуката за ваквото означување на независните листи ја донела Државната изборна комисија, што од пет граѓански иницијативи – „Шанса за центар“, „Зелените од Гази Баба“, „Подобро за Тетово“, „Независни за Карпош“, „Стига е“ од Струмица, Босилово и Ново Село – велат дека е нерамноправно претставување на независните листи наспроти политичките партии.
- „Ни беше само соопштено дека на работен состанок е договорено сите независни кандидати, односно листи на независни кандидати да бидат со називот од група избирачи и носител на листа, а не така како што се регистрирани во Центарлниот регистер. Во Законот постојат две опции. Избран е понеповолниот член, што практично е дискриминација и ставање во нефер позиција на сите учесници кои се од граѓанските листи“, вели Јана Белчева Андреевска, граѓанско движење „Шанса за Центар“.
Според нив ваквото именување може да ги збуни гласачите.
- „Доколку излеземе на гласачко ливче како ’независна група’ – Дејан Димитровски, тогаш нормално ќе бидеме ставени во подредена положба и ќе имаме пропуст и во самото гласање на граѓаните“, смета Дејан Димитровски, „Зелените од Гази Баба“.
Именувањето не е единствената работа за која независните листи на граѓанските иницијативи велат дека се дискриминирани. Тврдат дека им е ускратено и правото за увид во избирачкиот список, а и нумерирањето на независите листи на гласачките ливчиња е направено на нивна штета.
- „Дури и бројчињата под кои се наоѓаат политичките партии и независните листи се нефер распоределени, односно првите 20 бројки се за политичките партии, големите играчи на локалните избори, а граѓанските здруженија и групите избирачи во подолниот дел“ вели Белчева Андреевска.
Од Државната изборна комисија на ваквите обвинувања одговараат дека „се е според закон“.
- „Јас само ќе го цитирам член 60 став 9 од Изборниот законик, кој вика: ’Ако подносител на листа кандидати е група избирачи, називот на листа се означува како група ибирачи и името и презимето на кандидатот, во случајот на подносител на листа на кандидати е група избирачи, називот на листа се означува како група избирачи и името и презимето на кандидатот. Во случајот на поднесена листа за членови на совет на општина, со група избирачи и името и презимето на носителот на листата“, информира Адмир Шабани, портпарол на ДИК.
Шабани во изјава за Телма појаснува дека Изборниот закон дозволува користење на името и симболите само на коалиции на политичките партии, но не и на граѓански здруженија.
Но граѓанските здруженија не се откажуваат од барањето нивните независни листи да бидат впишани со нивното име на гласачкото ливче. Тие во изминативе 20 дена се обиделе преку дописи и состанок со Комисијата да алармираат и да ги сменат работите, но, како што велат, се поминало без конструктивен завршеток. Поради тоа тие поднеле претставка до Народниот правобранител, Управниот инспекторат, а ги известиле и меѓународните набљудувачи од ОДИХР.
Граѓанските иницијативи со независни листи се жалат и на непрофесионалност во рабоењето на ДИК.
- „Исто ние имавме проблеми, дописи кои ги праќавме долго чекавме одговор. На пример имавме потреба од замена на листата поради смртен случај, на телефон ни беше кажувано едно, меѓутоа кога баравме потврда на тоа, не сакаа тоа да го кажат. Само ни го цитираа законот кој и ние го читавме, но баравме толкување од нив. Нас ваквиот начин на ДИК не чинеше време. Наместо да се фокусираме на одредени работи и активности, ние трчавме по ДИК за дописи и одговори“, вели Невена Георгиевска од „Независни за Карпош“.
Од Комисијата на ова одговараат дека периодов биле претрупани со работа.
- „На ниту еден учесник, на ниту едно писмо или барање ДИК не останало должно. Притоа сите поднеени барања го добиле соодветниот одговор“, вели Шабани од ДИК.
Од петте граѓанските иницијативи кои поднесоа независни листи сепак велат дека и покрај дискриминацијата која им се прави, не се откажуваат, и ќе се борат до крај да бидат дел од идните локални власти.
Тамара Грнчароска