Израел ги интензивираше своите напади на Газа минатата ноќ, додека палестинските милитанти продолжија да лансираат ракети кон израелската територија. Израелската армија потврди дека воздушните и копнените сили учествувале во денешните напади, но не влегле во Газа.
На видео снимките од градот Газа, ноќното небо често беше осветлувано од силните експлозии од израелските артилериски напади, како и проектилите лансирани од воената морнарица и авијација.
По почетокот на судирите во понеделникот, повеќе од 119 луѓе се убиени во Газа а 8 ги загубиле животите во Израел.
Во меѓувреме, милитантните евреи и израелските арапи ги засилија судирите и во повеќе градови во Израел, присилувајќи го претседателот да предупреди на можна граѓанска војна. Министерот за одбрана, Бени Гантц, нареди масовно зајакнување на безбедносните сили, за да се спречат внатрешните судири, при што досега биле уапсени повеќе од 400 луѓе.
Полицијата тврди дека израелските Арапи се виновни за најголем дел од инцидентите и негираат дека не преземаат никакви реакции кога групи Евреи го предизвикуваат насилството.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, најави интензивирање на нападите во Газа но и ги предупреди сите израелски граѓани дека нема да се толерира насилство од толпи.
Граѓани на Израел, водиме кампања на два фронта. Првиот фронт – Газа. Реков дека ќе ги натераме Хамас и другите терористички групи да платат висока цена. Тоа и го правиме и ќе продолжиме, со голема сила. Последниот збор се уште не е кажан и оваа операција ќе продолжи додека е потребно, со цел да го вратиме мирот и безбедност во државата. Вториот фронт – израелските градови. Го повторувам тоа што веќе го кажав: 100% ја подржуваме полицијата, граничните полицајци и другите безбедносни сили за да го вратиме законот и ред во израелските градови. Нема да толерираме анархија, рече тој.
Во Газа, Палестинците стравуваат и од евентуална копнена инвазија на израелските трупи и затоа бегаат од населените места непосредно до границата со еврејската држава. Израелската војска соопшти дека во текот на минатата ноќ извршиле поголема операција за уништување на мрежа тунели на Хамас. Според армиското соопштение, во нападот учествувале 160 авиони, како и артилерија и оклопни транспортери.
Никола Илиевски