Во 2020 година продолжи трендот на намалување на стапката на пораст на населението во Кина. Според податоците од пописот извршен во 2020 година, Државната служба за статистика на земјата соопшти дека минатата година во Кина биле родени 12 милиони бебиња, што претставува значително намалување во споредба со 2016 година, кога биле родени 18 милиони.
Просечниот пораст на населението во втората декада на 21 век изнесувал 0.53 проценти, што исто така претставува намалување во споредба со првата декада, кога порастот изнесувал 0.57 проценти.
Според Нинг Џиже, директорот на Државната служба за статистика, намалувањето преставува природен резултат од социјалниот и економски развој на Кина, и слични резултати се забележуваат и во други азиски земји, како Јужна Кореја и Јапонија. Џиже, сепак признава дека резултатите од пописот проектираат сериозно намалување на популацијата во иднина.
Според објавените статистички податоци, во Кина има приближно 723,34 милиони мажи и 688,44 милиони жени. Околу 63,35 проценти од населението се луѓе на возраст од 15 до 59 години, а околу 18,7 отсто се над 60 години. Уделот на граѓаните нa возраст до 14 години е 17,95 проценти.
Како што стои во документот, учеството на урбаните жители во Кина е 63,89 проценти, што е за 14,21 процентни поени повеќе отколку во 2010 година.
Пописот бил спроведен во втората половина на 2020 година а податоците, од врата до врата, ги прибирале околу 7 милиони попишувачи.