Протестите и судирите меѓу Палестинците и израелската полиција во Ерусалим продолжија и денеска. Тензиите во градот се зголемиваат уште од почетокот на муслиманскиот свет месец а кулуминираа во насилство викендот пред израелската парада за Денот на Ерусалим и почетокот на судскиот процес против присилното иселување на Палестинци за изградба на еврејски доселенички населби.
Судирите меѓу израелската полиција и Палестинците продолжија и за време на синоќешниот протест против најавеното иселување на Палестинци од Источен Ерусалим во корист на Еврејски доселеници. Немирите продолжија и денеска, пред планираниот израелски марш за Денот на Ерусалим. Денеска исто така треба да се одржи и првото рочиште во израелскиот Врховен суд, во процесот кој го започнаа повеќе палестински смејства барајќи да се укине наредбата за иселување.
„Ова што се случува е неселективно, колективно присилно иселување на голема група, која брои повеќе од 500 луѓе. Тие сакаат да ја срушат нашата населба и да населат Еврејски доселеници. Тоа се случува. Судските случаи продолжуваат, но ние сме тука денеска, во ова народно движење, за да го нагласиме нашето право врз оваа земја. Ова се наши домови уште од 1956 година, ние сме родени тука, пораснавме тука и ќе останеме во нашите домови“ – Муна Курд – демонстрант.
Тензиите се зголемуваа во Ерусалим во текот на целиот муслимански свет месец, а кулуминираа изминативе три денови со повеќе судири со израелската полиција, во кои беа повредени неколку стотици Палестинци и 20 израелски полицајци.
Израелскиот премиер обвини дека насилството го поттикнуваат екстремистички палестински групи, охрабрени од притисокот кој врз Израел го вршат неговите сојузници за да престане со изградба на доселенички населби. Нетанјаху тврди дека само под израелската управа во Ерусалим е гарантирана слободата на вероисповест на сите религии и порача дека Израел го смета Ерусалим за своја престолнина и ќе продолжи да го развива и покрај притисоците да не го прави тоа.
„За жал тие притисоци во последно време се зголемуваат. Јас дури и на нашите најдобри пријатели им велам: Ерусалим е престолнина на Израел, и како што секоја нација ја гради и надградува својата престолнина, и ние исто така ќе си го задржиме правото да градиме во Ерусалим и да го надградуваме. Така правевме до сега, така ќе продолжиме и понатаму“ – Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Израелската полиција вчера даде согласност за одржување на парадата за Денот на Ерусалим, и покрај тензиите и насилните протести во текот на викендот. Израелците ја нарекуваат Марш на знамињата и вообичаено се состои од процесија на млади Зионисти низ муслиманските населби во градот, со која го одбележуваат израелското освојување на Ерусалим. За Палестинците пак, Парадата за Денот на Ерусалим е чиста провокација.
Источен Ерусалим е во срцето на Израелско-Палестинскиот конфликт затоа што и двете страни полагаат право врз него. Израел го анектираше во 1980 и Ерусалим го смета за свој главен град, иако најголемиот дел од меѓународната заедница не го признава како таков. Палестинците пак од друга страна, се надеваат дека Источен Ерусалим ќе биде главен град на нивната независна држава.
Игор Трајков