Третиот спрат на трговскиот центар Ушче во Белград од денеска е вакцинален пункт. Во редови луѓето чекаа за да примат вакцина, а првите 100 добија и вредносни ваучери од 3.000 динари, односно 1.500 денари за шопинг, како дополнителен поттик. Денеска во Ушче дојде и критичарката на вакцинацијата, познатата фолк пеачка Јелена Карлеуша, која ги порекна своите ставови и рече дека сака да се солидаризира со здравствените рабнотници. Српските власти прават се за да го забрзаат процесот на вакцинација, им плаќа по 25 евра на сите кои ќе примат вакцина до крајот на овој месец. До сега на вакцинација беа повикувани постарите лица но, сега се на ред помладите.
Мислам дека не сме попаметни од науката и не може ни да бидеме, Нема потреба да се сомневаме и да веруваме во различни теории на заговор кои кружат на Интернет, така што како студенти и академски граѓани сметам дека треба сите да се вакцинираат, вели една студентка.
Главниот српски епидемиолог Кон за Утринската програма на РТС оцени дека држата излегува од неповолната ситуација и дека сега е најважно создавањето на колективен имунитет.
Се враќаме на она што е најважно, а тоа е вакцинацијата, сега се наоѓаме во ситуација да ја подигнеме таа бариера, колективниот имунитет и тој колективен имунитет може да не штити сите нас се додека не дојдеме до она ниво на колективниот имунитет којшто ќе обезбеди толкав пад на вирусот што вирусот речиси веќе ќе го нема, тој нема да исчезне, тој и понатаму ќе биде присутен но, ќе биде на многу ниско ниво – Предраг Кон, Епидемиолог на Градскиот завод за јавно здравје.
Српскиот кризен штаб е пред одлука дали во угостителските објекти кои е извесно дека отвораат од утре, ќе им биде дозволен влез само на вакцинирани. Дел од членовите се на ставот дека е потребно да се почека уште една недела, а дел сметаат дека е време за полиберални мерки.
Во Белград се вакцинирани речќиси 44% од жителите, а околу 600.000 ги примиле двете дози вакцини. Во земјата бројот на вакцинирани изнесува два милиони луѓе, од кои најголем дел со кинеската Синофарм, потоа Фајзер, рускиот Спутиник или Астра Зенека.
Билјана Ставрова