Ковид19 Свет Топ вести

Пет години затвор за Австралијците кои ќе се вратат дома од Индија

Австралијците кои преку трети држави ќе се вратат дома во Австралија од Индија, додека трае забраната, се соочуваат со затворска казна од пет години. Министерството за здравство соопшти дека владата ја донела таа одлука поради бројот на луѓе кои во моментов се во карантин а кои се заразиле во Индија. Ова е прв пат во историјата на земјата враќањето дома на Австралиците да се казнува со затвор. Дел од лекарите во земјата сметаат дека одлуката на владата е диспропорционална со заканата која ја претставуваат повратниците од Индија и ја обвинија дека ги напуштила своите државјани. Според владата иако станува збор за драстичен чекор, сепак е неопходен во ситуацијата.

Ситуацијата во Индија е очајна. Многу сериозна. Над 200.000 луѓе починаа и има повеќе од 300.000 нови случаи секој ден. Кога националниот кабинет се состана, ги доби најновите информации од нашите главни медицински лица и нивниот совет беше дека мораме да ги имплементираме овие безбедносни мерки, кои се однесуваат на луѓето кои се враќаат од Индија во Австралија. Значи тие се привремени, повторно ќе ги разгледаме на 15 мај, но тие се дизајнирани, врз основа на медицински совет, за безбедноста на Австралијците, вели министерот за финансии Џош Фриденберг.

Индија вчера стана првата држава во светот која достигна 400.000 новозаболени во еден ден. Беа регистрирани 3.523 смртни случаи, но вистинскиот број се смета дека е многу повисок, затоа што многу од починатите не ги пријавуваат. До пред неполни два месеци бројот на нови случаи беше во постојан пад, поради што властите избрзаа и прогласија победа над пандемијата. Илјадниците митинзи за време на кампањата за парламентарните избори, како и бројните религиозни фестивали, според експертите придонесоа за новиот бран на вирусот кој предизвика хуманитарна криза во земјата. Во влошувањето на ситуацијата секако мора да се земат во предвид и новите варијатни и мутации на вирусот.

Убеден сум во тоа затоа што знаеме дека Б.1.1.7, британската варијанта, сега циркулира во Индија. Знаеме што таа направи во другите земји и како ја презеде инфекцијата. Значи, знаеме дека полесно се пренесува. Што се однесува до т.н индиска варијанта, наречена Б.1.617, ова е вирус, досега непознат, неистражен и не се знае многу за него, вели професор по клиничка микробиологија на Кембриџ универзитетот Равиндра Гупта.

Надминување на ситуацијата властите гледаат во масовната вакцинација. Над 800.000.000 Индијци треба да примат вакцина, но државата и на ова поле се соочува со хроничен недостаток, иако Индија во моментов е најголемиот светски производител на вакцини против Ковид-19. До сега во земјата се дадени само 150 милиони дози, што е еквивалентно на 11,5 проценти од 1,3-те милијарди жители на Индија.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пакистан ја обвини Индија за ракетни напади врз воени бази

Дејан Дејан

Ким Џонг-ун: Учеството на Северна Кореја во војната во Украина е оправдано

Дејан Дејан

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе