Првичите резултати од вчерешните парламентарни избори во Албанија покажуваат победа на Социјалистичката партија на досегашниот премиер Еди Рама. Сепак, до конечно пребројување на гласовите и самиот Рама е претпазлив во изјавите, и вели дека излезните анкети се само претпоставки, и треба да се почекаат конечните резултати што треба да ги обави Централната изборна комисија. Своевиден скандал на изборите е гласањето на косовскиот премиер Албин Курти.
Со една третина преброени гласови, Еди Рама е победник на парламентарните избори во Албанија. Неговата Социјалистичка партија освои 50 насто од гласовите, додека опозициската Демократска партија на Љуљзим Баша 39 насто. Но, овие бројки, во текот на пребројувањето, може да се сменат. Конечните резултати се оечкува да бидат објавени до утревечер, кога ќе се знае која партија, колку места освоила со собранието со 140 пратеници.
Сега, прашањето е дали Рама ќе освои мнозинство, односно 71 пратеничко место за да може сам да формира влада, или пак ќе осови помалку гласови од опозициските партии заедно.
Ако ги добие потребните гласови, ова ќе биде трет премиерски мандат на Рама во кој сака да го поттикне равојот на албанскиот туризам, енергетиката и дигиталните проекти.
Неговиот политички противник Љуљзим Баша ветува промени на политиките во однос на владата на Рама, која ја обвинува за корупција и врски со организираниот криминал. Тој вети помали даноци, зголемување на платите и поголема социјална помош.
Околу 3,6 милиони албански граѓани со право на глас вчера избираа пратеници во албанскиот парламент.
Меѓу гласачите беше и косовскиот премиер Албин Курти. Тој, на социјалните мрежи самиот објави дека гласал затоа што има албански пасош.
На ова реагираше европратеничката Виола фон Крамон која гласањето на Кутри на албанските избори, го оцени како неприфатливо. Фон Крамон е известувач за Косово во Европскиот парламент.
Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека со гласањето, Курти испрати јасна порака до Белград дека Приштина и Тирана се во иста земја.
На вчерашните избори одѕивот беше 48 насто.
Како што пишува бриселски Политико, изборите се клучен тест за напредокот на Албанија на нејзиниот пат кон Европската унија. Албанија е кандидат за членство од 2014 година, а сега заедно со Македонија очекува почеток на преговори односно одржување на првата меѓувладина конференција.
Марија Дивитарова