Досегашните учебници не ги задоволуваа потребите на учениците за стекнување квалитетно знаење.Со реформите во основното образование, кои стартуваат од септември, учениците од 4 одделение ќе добијат дигитални учебници. Според новата наставна програма, тие ќе бидат нови учебници, кажа министерката за образование.
- Старите учебници за новата програма нема да се применуваат. Тоа значи дека истите тие учебници кои што се дигитализираат, согласно програмата за 4 одделение , има повик за автори , ќе треба да се избере и да воспостават колаборативен учебник. Истите тие ќе бидат ставени во употреба од страна на училиштата, на дигиталните платформи – Мила Царовска- министерка за образование и наука.
Во текот на летото, училиштата ќе се снабдат со дигитални уреди за учениците од 4 одделение кои немаат дома, преку нив да ги добијат потребните учебници. Но, воведувањето дигитално образование во 4 одделение ја подели јавноста, а реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, 25 илјади ученици остануваат на милост и немилост на финансиската немоќ на родителите, а власта спроведува социјална поделба и дискриминација во земјава.
- Образованието веќе нема да биде бесплатно , а социјалната нееднаквост меѓу учениците ќе се зголемува, со тоа и нерамноправноста и булингот. Без печатени учебници се врши нехуман експеримент врз идните генерации на Македонија и под превезот на модернизацијата, се спроведува разрушување на и онака кревкото образование – Игор Здравковски- ВМРО- ДПМНЕ.
Но , министерката Царовска рече дека секој дигитален учебник ќе може да биде испечатен и како таков да го користат учениците кои немаат дигитална опрема, дома. Таа најави дека според новата програма, од септември и првачињата ќе учат од нови учебници, но тие ќе бидат во печатена форма.А, за наставниците ќе се врши шестдневна обука, за новиот концепт на образование, за наставните програми и за оценувањето.
Сотир Трајков