Енвер Ахмет: „Во почетокот жената ме учеше како да ја држам малата, како да ја подигнам, како да ја хранам. Иако пред тоа имавме дете од четири ипол години, но нејзе мајка и ја гледаше така што јас просто не ни знаев како се гледа и како се чува.“
Маж дознава од соседите дека може да земе родителско отсуство и без двоумење се одлучува на такво нешто, затоа што законот тоа го дозволува. Ова се случило пред дури 37 години, а се уште е школски пример за институционалните бариери и замената на улогите помеѓу еден маж и жена во семејството. Енвер Ахмет е таткото кој ја раскажал својата приказна за Телевизија Скопје уште во далечната 1984 година.
Енвер Ахмет: „Како млад брачен пар среќни бевме кога се вселивме во новиот стан, а по извесно време кога го добивме второто дете уште посреќни бевме бидејќи детето ни се роди живо и здраво. После три месеци жената се вработи и ова беше како трета среќа. Оваа трета среќа ни донесе и еден проблем којшто за нас беше многу голем.“
Го пронајдовме Ахмет и неговото семејство. Сега неговата брада е бела, а ќерката е веќе возрасна жена. Некогашниот новинар во „Бирлик“ е веќе пензоионер. Сега е помалку расположен да зборува пред камерите, но на Фејсбук ни испрати свој став за она што било некогаш и сега. Смета дека родителското отсуство се уште е табу тема во оваа држава.
Енвер Ахмет: „За жал како општество не напредуваме, породилното боледување или денес таканаречено родителско отсуство е се уште табу тема меѓу младите. Дел од нив се неинформирани, големиот дел не се подготвени за таква улога. Треба активно да се разговара на таа тема, да се подигне свеста кај младите луѓе. И работодавачите можат да применуваат комбиниран модел за отсуство на родителите. Законска регулатива постои, само што луѓето не се информирани“ вели авангардниот татко.
Збирно за последните шест години, само 211 татковци во земјава го искористиле породилното отсуство и нивниот број постојано расте, но многу споро. Младите мажи кои се одлочуваат на таков чекор автоматски се соочуваат со огромен број предрасуди.
„Јас сум зборувала со мажи кои го искористиле татковското родителско отсуство, особено од приватниот сектор. Дел од нив имале искуства на исмевање, омаловажување и слично, заради преземање на традиционални женски улоги. Јас сметам дека родителството не треба да има машки и женски улоги и дека за доброто на едно семејство, за доброто на детето во едно семејство, најдобар начин е еднаквото присуство на двата родители во процесот на растење, развивање и воспитување“ – Ирена Цветковиќ – Доктор од областа на родовите студии.
Законските можности за родителско отсуство на таткото постојат и тие се унапредуваат, тврди Цветковиќ. Постои разлика од законската регулатива во минатото и сега.
„Порано татковците го користеа породилното отсуство само доколку мајката се откаже. Сега веќе се оди еден чекор понапред да се дозволи и паралелно користење на родителското отсуство, но она што е целта е овозможување на три типа на отсуство: мајчино, татковско и споделено отсуство“ – Ирена Цветковиќ – Доктор од областа на родовите студии.
Енвер Ахмет очигледно бил пред времето, Невладините организации во Македонија веќе една деценија бараат да биде поделено правото на родителите да отсуствуваат од работа кога ќе им се роди дете, односно породилното да биде задолжително и за татткото. Минимум три месеци тој да се грижи за бебето за да можат и двајцата родители да го научат полесно родителството, велат од невладиниот сектор.
Петар Догов