Штипското обвинителство одлучи да не гони никој од лекарите во болницата во Штип кои во летото 2019-та му пишале наод на Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешковски, по што Спасов избега надвор од државата.
По барање на обвинителството, Министерството за здравство и Лекарската комора на РСМ извршиле стручен надзор врз медицинската документација во Штип и утврдиле дека нема пропусти и Спасов навистина имал уролошки проблеми.
Во подготвувањето на документацијата, свое лекарско видување за Спасов доставил и негов близок роднина. Според медицинската документација, осудениот за убиството на Нешковски, го одложил враќањето во затвор затоа што лекарите сметале дека поради здравствените проблеми и хируршката интервенција не може да се движи по што судот му издал дополнителни три месеци на слобода. Во тој период, кога не можел да се движи како што посочиле уролозите, во реалноста Спасов избега, а за бегството не е отворена постапка ниту за судии кои ја одобриле одлуката да не се враќа во затвор, ниту за други поединци во системот за спроведување на правда. По 18 месеци Игор Спасов беше уапсен во Софија, а оваа недела Бугарија го екстрадираше назад во Македонија.