Полицијата во Грција соопшти дека тројца полицајци се повредени во судирите на протестот во Атина против полициската бруталност.
Еден од полицајците е сериозна повреден, потврди полицијата.
Околу 5 000 демонстранти, претежно млади лица, излегоа на улиците на главниот град во Грција синоќа како реакција на видео снимката која стана вирална на социјалните мрежи на која полицајците тепаат еден млад човек во населбата Неа Смирни.
Протестот започна токму во Неа Смирни, населбата во Атина каде беше снимено видео со претепувањето на младиот човек. Младите демонстранти носеа натписи и скандираа : полицајците надвор од нашите населби.
Друга група маскирани демонстранти, со молотови коктели и камења ги нападнале полицајците и една полициска станица, додека безбедносните сили одговориле со солзавец и водени топови.
Повредениот полицаец бил соборен од неговиот мотор и претепан од демонстранти , потврди полицијата. Најмалку 10 демонстранти биле уапсени.
Грчкиот премиер Мицотакис го осуди насилството и апелираше на смирување на страстите.
“Тажните слики од насилство кои ги видовме вечерва во Атина, мора да бидат последни. Животот на еден од нашите сограѓани, младиот полицаец кој беше во опасност , треба да не разбуди. Во овие мигови, самоконтролата и присебноста мора да преовладеат. Им се обраќам особено на нашите млади луѓе, чија судбина е да создаваат а не да уништуваат. Слепиот бес не води никаде” – изјави грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис.
Протестот беше организиран како реакција на видео снимката објавена во текот на викендот на која полицајци со палки тепаат еден млад човек, кој се жали дека е во болки и бара полицајците да престанат да го удираат.
Полицијата соопшти дека нивното присуство било заради информациите дека група млади луѓе ги игнорираат и прекршуваат рестрикциите воведени заради пандемијата корона вирус.
Во моментов во Атина на сила е наредбата да се остане дома а луѓето можат да излезат единствено заради неопходни потреби.
Еден локален весник објави интервју со човекот во видео снимката, кој тврди дека се обидел да разговара и да ги спречи полицајците да казнуваат жители на Атина кои седеле на клупа на плоштадот. Грчкиот омбдусман кој го испитува овој случај, информираше дека овој период се зголемени поплаките за полициско насилство, како што луѓето стануваат се повеќе исфрустрирани со ограничувањата на движењето и економската активност воведени како одговор на пандемијата.
Никола Илиевски