Контрола на гласачите со отпечаток од прст влезе во Изборниот законик уште минатата година, но не се знае дали ќе се користи на локалните избори. Преговорите меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ за употреба на овие апарати, завршија без успех и со обвинувања за подготовка на изборен фалсификат.
Од Алијанса за Албанците и Алтернатива ги имаат истите сомнежи како и ВМРО ДПМНЕ.
Од СДСМ ги негираат обвинувањата. Тврдат дека и тие и коалиционите партнери се „за„ употреба на отпечаток од прст на избори, но за измени на Изборен законик е потребен консензус од сите партии, што во моментов го нема. Не сакаа да кажат кој се противи.
Останува да се чуе мислењето на ДУИ, но тие денеска одбиваа да дадат изјави. Отпечатокот од прст требаше да ги исфрли од употреба спрејот и уве ламбата, кои се користеа за да се утврди дека лицето гласало само еднаш. Иако е законска обврска, за да се спроведе ваквиот начин на гласање, треба да се набават посебни терминали, што ќе бидат инсталирани на сите гласачки места.Во нив треба да бидат внесени изводи од избирачките списоци, на кои, покрај името, адресата и фотографијата, ќе стои и отисок од показалец.Но, тука и се закочи работата. Изборите се ближат, а средства за набавка на терминалите не се обезбедени, за што информираа и од Државната изборна комисија. Од МВР велат дека немаат законско овластување да ја дадат базата на податоци на ДИК, која потоа би ги внела во електронските изводи на Избирачкиот список.Потребни се измени на два члена на Изборниот законик со кои ќе им биде наложено да ја споделат оваа база на податоци за користење и обработка.
Далиборка Демјанска