Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој се наоѓа на Инфективната клиника, се огласи вечерва на неговиот фејсбук профил. Пишува дека додека се бори со болеста власта византиски убедена од своите лакеи, поранешни опозиционери, се препелка во својата немоќ нудејќи поделба на власта. Од болничкиот кревет Мицкоски порача : “Сметот мора да се измете, ама најпрвин од сопствениот двор! И овие од власта ако мислат дека има најмали шанси за пакт со криминал и криминалци, тоа нема да се случи. Ќе бидете победени, тоа ви го ветувам. Македонската пролет доаѓа!“, напиша Мицкоски откако претходно поранешниот министер за здравство Никола Тодоров го повика членството на ВМРО-ДПМНЕ на обединување.
Тој смета дека Мицкоски е пречка за обединувањето и на ВМРО и на целиот македонски народ. “Поделени и раскарани, водени од омраза на политичка основа, нема никаде да стигнеме. Затоа се борам и залагам за помирување помеѓу ВМРО и СДСМ. Политичките разлики стојат и тоа е нормално, затоа што тоа е здраво и потребно во едно демократско општество, но тие разлики не смеат да продуцираат омраза помеѓу Македонците до ниво на раскинување на македонското национално ткиво. Сигурен сум дека ова можеме да го спречиме. За тоа, потребна е поддршка за трансформација на ВМРО во модерна, европска центар десна партија“, напиша Тодоров до партиското членство.