Вести Македонија Топ вести

Заев нуди заедничка влада, ВМРО ДПМНЕ прифаќа експертска

Двете најголеми партии во земјава размислуваат за формирање заедничка Влада. Ова може да се заклучи откако премиерот Заев најави дека заради доброто на државата, ќе разговара со ВМРО ДПМНЕ за заедничко владеење, а опозициската партија изрази подготвеност да разговара, но само за експертска Влада. За сега, само ДУИ е против.

Во интервју за Слободен печат, Заев предлага почнување меѓупартиски разговори, кои би резултирале со формирање Влада предводена од партијата што ќе добие повеќе пратеници и со соодветно распоредување министри. Со тоа, би се решиле блокадитена Парламентот, клиентелизмот во судството, партизацијата на администрацијата и други прашања. Но, „побрзо ќе се најдеше решение со Груевски отколку со Мицкоски“, вели Заев.

Христијан Мицкоски молчи, а партијата што ја раководи изрази подготвеност да разговара со Заев, но под услов министрите да бидат експерти, а потоа сепак да има предвремени избори.

Уште пред неколку месеци, ВМРО ДПМНЕ кажа дека за Македонија, посебно пред избори, подобро е да има експертска Влада, која ќе има капацитет и широка поддршка и ќе може да понуди реални проекти за излез од оваа криза, што Заев не е способен да ја менаџира. На чело на таа Влада треба да стои човек кој би бил прифатлив за сите, надпартиска личност што може да ја води државата напред до Локалните избори, а потоа – да се организираат предвремени парламентарни избори. За таков концепт -подготвени сме да разговараме.

 Но главниот коалициски партнер на СДСМ, ДУИ, не се согласува.

Улогата на опозицијата е да дава забелешки и да ја критикува власта. Само во посебни случаи таа може да се вклучи во раководењето со државата. Во спротивно, има должност да не се согласува целосно со парламентарното мнозинство, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети. 

 

Македонија има искуство со Влада на национален спас. Првата Влада формирана 91 година, беше експертска и предводена од Никола Кљусев. 10 години подоцна, во 2001-та, се формираше широка коалиција заради справување со воената криза. Уште 20 години подоцна, Заев најавува „нова политика“ во првата година од неговиот мандат, кога има минимално собраниско мнозинство, а земјата се соочува со здравствена и економска криза . Прво ќе треба да побара согласност од неговите сопартијци, па и од коалициските партнери, а потоа да најде соодветен соговорник во ВМРО ДПМНЕ.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе