Најважни Свет

Лоциранa црнaта кутија од урнатиот авион во Индонезија – трае потрагата по телата и остатоците од леталото

Лоциранa е црната кутија од авионот со 62 патнци кој вчера се урна во Индонезија. Нуркачите веќе ги имаат координатите, а потрагата во длабочините на морето не се знае колку ќе трае.

Сепак надлежните се надеваат дека што е можно побрзо ќе дојдат до црната кутија за да се утврди како авионот за помалку од една минута изгубил три илјади метри височина пред да се урне во морето, пред очите на локалните рибари.

„Му благодарам на Бога и на сите луѓе во Индонезија за нивните молитви. Конечно ја лоциравме позицијата каде што се урнал авионот. Во моментов сите војници коишто се на терен, а посебно од морнарицата, ги здружија силите со Националната агенција за потрага и спасување, за да ги извадиме остатоците од авионот. Постојано ги следиме двата сигнали од црната кутија и ја лоциравме позицијата од каде што доаѓаат. Се надеваме дека за кратко ќе можеме да ја извадиме црната кутија за Националниот комитет за безбедност во транспортот да ја истражува и да ја открие причината за несреќата“ изјави Хади Џаџанто, главен командант на вооружените сили на Индонезија.

Во меѓувреме потрагата по остатоците од авионот, но и од телата на исчезнатите патници сѐ уште трае.

Во авионот од вкупно 62 патници, имало и седум деца и три бебиња. Шест лица биле членови на екипажот.

Властите веќе имаат отворено кризен центар и на аеродромот во Џакарта, и на пристаништето.

Роднините на патниците се собираат и чекаат вести за своите блиски, иако е извесно дека во несреќата нема преживеани.

„Вкупно четворица мои роднини беа во авионот. Жената живее во Бекаси додека нејзиниот сопруг живее и работи овде во Понтијанак. Па, сопругата негова и трите деца планираа да дојдат на одмор овде во Понтијанак со летот на Шривиџаја Ер. Сѐ заврши вака“ вели Уте Мазега, роднина на четворица исчезнати патници.

Авионот се урна вчера само четири минути по полетувањето од аеродромот во Џакарта. Доцнело неговото полетување, но од авиокомпанијата кажале дека временските прилики се причина за тоа.

Леталото било исправно, иако старо 26 години, велат од компанијата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има – ова беа дел од пораките на маршот во Кочани

Дејан Дејан

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе