Новогодишните и Божиќните празници за повеќето пратеници се споија во 19 -дневен зимски одмор. Освен две седници на комисии на 5-ти и 12-ти јануари, со по неколкумина пратеници, првата пленарна седница им е закажана дури на 18-ти јануари. Пред нив ќе бидат 51 закон, од кои 19 повторно се закажани по скратена постапка. Меѓу нив се и измените на Законот за здравствена заштита и на Законот за здравстено осигурување. Законот за попис и за Агенцијата за разузнавање, пак, ќе одат со европско знаменце, што значително ја скратува постапката. Оваа постапка го намалува времето за дебата, прескокнува одредени чекори од редовната постапка и се намалува бројот на читања. Затоа и опозицијата реагира на ваквиот начин на донесување на закони.
Владејачкото мнозинство, пак, тврди дека презема вакви чекори за да го спречи блокирањето на законите од страна на опозицијата, поради што дел од законите од минатата година останаа да се донесат годинава.
Има посебни правила по кои закони се разгледуваат по скратена постапка. Предлагачот може да му предложи на Собранието скратено разгледување кога не е во прашање обемен и сложен закон, кога се менуваат само по два-три члена, кога престануваат да важат некои одредби не се во прашање сложени и обемени усогласувања на законот со правото на ЕУ.
Сепак, кај нас 60 отсто од законите поминуваат по скратена постапка.
Далиборка Демјанска Цветановска