Два дена по упадот во Конгресот на толпата подржувачи на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп, се уште нема одговор како се случи таков безбедносен пропуст. Специјалната полиција на Капитол Хил, која е задолжена со безбедноста на Конгресот беше комплетно наподготвена, имајќи ја во предвид сериозноста на ситуацијата, и протестниот митинг кој беше закажан недели претходно. Различните групи кои го подржуваат Трамп отворено се договараа на социјалните мрежи што планираат да направат на 6 јануари, но очигледно ниту една од домашните безбедносни агенции не ги сфатила сериозно заканите.
Вчера во зградата беа тројцата највисоки функционери во редот за преземање на должноста претседател и беа потребни речиси три часа за првиот одговор од Министерството за одбрана да пристигне до Капитол. Мораме да си поставиме некои прашања. Зошто трошиме 700 милијарди долари на војската секоја година? Ако војската не може ефикасно да го одбрани Конгресот од напад, обвинува сенаторот од Конектикат Крис Марфи.
Дивеењето во Конгресот траеше со часови додека одговорот на конгресната полиција во најмала рака беше некоординиран. Некои делови беа експресно затворени и бранети со огнено оружје, што беше случајот со застрелувањето на воздухопловниот ветеран Ешли Бабит, но во останатите демонстрантите без никаков отпор поминуваа покрај збунетите полицајци. Обвинувања има и за релативно малиот број уапсени ако се земе во предвид сериозноста на повредата на законите. Тоа предизвика споредби со одговорот на властите за време на протестите по убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд минатата година.
Во предизвикот со кој се соочуваме во нашата земја не се работи само за постапките на неколкумината кои ги видовме вчера. Се работи за реформи, како да се трансформира правниот систем кој не фунцкионира еднакво за сите. Правен систем кој е различно доживуван, во зависност од тоа дали сте бели или црни. Правен систем кој е различно доживуван, во зависност од тоа дали сте богати или сиромашни, вели идната потпретседателка Камала Харис.
Вкупно пет лица ги загубија животите во упадот во Когресот. Покрај Бабит , утрово на повредите здобиени од демонстрантите им подлега и полицаецот Брајан Сикник. Од останатите тројца загинати, двајца починале од срцеви удари, а околностите за третата жртва, 34 годишна жена се уште не се јасни.