Ковид19 Македонија Најважни

Груби вика „заслуживме, казнете не“, Најчевска бара оставка, заменик министер во МВР не го пријавил прекршокот

На осум функционери на ДУИ, им се врачени казни затоа што не носеа маски, пред два дена, на отварањето на зградата на Министерството за политички систем, кога се фотографираа, и сечеа роденденска торта за лидерот на партијата, Али Ахмети. Извори на Телма велат дека казни ќе добијат и другите функционери од фотографијата кои го прекршиле законот, и дека постапката ќе заврши утре. Казната за неносење маска е 20 евра. Ако се плати во рок од осум дена тогаш е десет евра.

Ден подоцна, разбудените институции кои најавија постапки и надзори во Министерството купено 14 милиони евра, а искористено за роденденска прослава на партиски лидер и тоа без маски и протоколи, го разбуди и домаќинот Артан Груби.

Сега вели дека реакциите во јавноста се оправдани и дека згрешиле за миг, со објавувањето на фотографијата се испраќа погрешна порака за носењето на анти-корона заштита.

Став на Артан Груби, прв потпретседател на владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците:

-Покрај грижата за своето лично и семејно, заедно со јавното здравје, ние сме посветени како избрани претставници да бидеме пример и да предводиме со дела во сè што правиме. Жалам што во оваа инстанца не бевме на висината на оваа наша посветеност. Затоа преземаме целосна одговорност, спремни сме да ги сносиме последиците и да ги почитуваме одлуките. Ги повикуваме надлежните институции да изречат мерки кои ќе ги испочитуваме како секој граѓанин.

Пораката од Груби стигна рано наутро за Бадник, откако беше објавена веста за апсење покрај коледарски оган во селото Орман. Пораката стигна два дена по фотографијата, откако МВР соопшти дека ќе има постапка поради постоење очигледни докази за прекршување на мерките.

Прекршување стори и заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши, кој е на истиот состанок, без маска на лице, но и без можност да се види дали воопшто има во раце. Иако втор човек на МВР, Буши не го пријавил кршењето на законот.

Трудовиот инспекторат врши вонреден надзор во министерството и ќе информира што откриле.

И додека правецот на смирување на гневот на јавноста се насочува само кон маските, а не и кон лошиот пример и партизираноста на новото министерство, македонските граѓани и интелектуалци бараат европски терк и во однесувањето на функционерите и нивна морална одговорност.

Професорката Мирјана Најчевска посочувајќи различни европски примери каде министри си дале оставки поради поситни прекршоци истото го бара и од Груби.

Став на Мирјана Најчевска, универзитетска професорка

-Мислам дека е време Артан Груби да поднесе оставка на функцијата министер. Не смее да се задоволиме само со некоја бесмислена казна за неносење маски. Позицијата носи права и одговорности. Правата ги видовме. Време е да ја видиме и одговорноста.

Функционерите на ДУИ од фотографијата меѓу кои и парламентарниот спикер Џафери, 5-мина министри, како и директори во државно- незгодната слика ја правдаа со тоа што некој засега непознат колега го изненадил Ахмети со торта за роденден, а тие седнати на маса поблиску отколку што треба само на миг ја извадиле маската за да се сликаат.

А тортата беше исечена и подделена на 15-мината кои обезбедија место на роденденската трпеза  со партискиот шеф во државен објект.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има – ова беа дел од пораките на маршот во Кочани

Дејан Дејан

Во Кочани заврши ,,Маршот на ангелите”

Дејан Дејан

Денеска се одржува ,,Марш на ангелите” во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе