Поголем опфат на центарот на Битола да биде пешачка зона предвидува новата сообраќајна студија што ја израбoти експертски тим на барање на Општина Битола, и веќе е усвоена од општинскиот Совет. Дел од предлозите во овој документ е паркингот пред Центарот за култура да стане плоштад, а улиците пред хотелот „Епинал“ и кај Градскиот часовник да се затворат за сообраќај.
Акцент ставаме на урбаната мобилност, односно, први на списокот ни се пешаците, потоа велосипедистите, јавниот превоз и потоа сите останати. Се потрудивме да добиеме еден урбан град кој ќе го подобри квалитетот на живот, рече Дарко Спасеновски, од екпертскиот тим што ја изработи сообраќајната студија.
Од експертскиот тим утврдиле дека 50 проценти од возилата кои минуваат во центарот на Битола, се на резидентни жители и оние кои работат или шетаат околу главната битолска улица. Останатите половина од автомобилите само транзитираат низ централното градско подрачје.
Оваа улица е во строгиот центар на Битола и го пресекува Широк Сокак. Нема семафори, само пешачки премини, па додека минуваат пешаците се созадава застој од колони возила.
Затворање на дел од сообраќајниците и пренамена во пешачки зони е приоритет за локалната власт.
Она што е најприоритетно и што можеби најбрзо ќе се направи е плоштадот Гоце Делчев да стане пешачка зона, а улицата покрај градскиот часовник ќе биде пешачка зона. Се предвидува еднонасочен систем на сообраќај, велосипедски патеки, вели Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.
Граѓаните ги поздравуваат новите сообраќајни решенија со кои се отстапува повеќе простор за пешаците.
Од експертскиот тим велат дека сообраќајната студија дава насоки како треба да се изработат проектите во рамките на законските можности, а документот е основа за понатамошен развој на градот.
Емилија Мисирлиевска