Свет Топ вести

Изборите во Џорџија ќе одлучат кој ќе го контролира Сенатот

Изборите за сенатри од американската сојузна држава Џорџија ќе одлучат за тоа каков ќе биде мандатот на избраниот претседател Џо Бајден во следните 2 години. На изборите во ноември демократите ја задржаа контролата врз Претставничкиот дом и речиси ја неутрализираа предноста на републиканците во Сенатот. За двете непополнети сенаторски места од Џорџија во трка се актуелните сенатори републиканци Кели Лофлер и Дејвид Пердју против демократите Рафаел Варнок и Џон Ософ. Ако демократите ги освојат двете места во вториот круг од изборите во Џорџија, би ја презеле контролата врз целиот Конгрес. Откако демократскиот кандидат Џо Бајден ја освои Белата куќа, тоа значи дека демократите ќе ја имаат контролата врз извршната и законодавната власт на федерално ниво. Токму поради важноста на изборите, и двајцата кандидати на претседателските избори беа таму за да обезбедат што поголема подршка за своите сопартијци.

Моќта е буквално во вашите раце. Како никогаш претходно во мојата кариера, една држава, една држава може да го постави курсот, не само во следните 4 години, туку и за следната генерација, смета Бајден.

За разлика од него, претседателот во заминување продолжи да се жали на својот пораз во ноември.

Десетици илјади гласови недостигаат. Им кажуваме на луѓето низ целиот свет како да си ги одржуваат изборите а не знаеме ниту како да ги одржиме сопствените, тврди Трамп

Анкетите покажуваат дека демократите имаат мала предност, но Џорџија историски е републиканска држава. Бајден е прв демократ по 28 години, кој во Џорџија ги добил претседателските избори.

Гласавте во рекорден број во ноември, вашиот глас беше слушнат, вашите гласови беа пребројани, народната волја победи, вели Бајден.

Се очекува излезноста на изборите да биде висока, бидејќи на раното гласање веќе излегле три милиони луѓе.

Судбината на нашата земја е во вашите раце. Во вашите раце! Морате да обезбедите толку голема републиканска победа, што демократите нема да можат да ја украдат или одземат со измама, повика Трамп.

Републиканците во моментот имаат 50 места во Сенатот, а демократите 48. Ако демократите ги освојат двете места, тогаш двете партии ќе имаат по 50 места, што пак значи дека одлучувачкиот глас ќе биде на претседавачот со Сенатот, а тоа е потпретседателот на САД. Во тој случај мнозинството во Сенатот ќе биде на страната на републиканците се до инаугурацијата на 20 јануари, кога актуелниот потпретседател а со тоа и претседавач на Сенатот, Мајк Пенс, ќе биде заменет од Камала Харис, кога нејзиниот глас ќе го одлучи мнозинството во корист на демократите.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пакистан и Индија се согласија на целосно примирје

Дејан Дејан

Паметен помошник или дигитална опасност?

Дејан Дејан

Убиство со пиштол купен за 1 100 евра, девојка-возач за бегство и многу мистерии дали за штипската престрелка на турски државјани е одговорна дрога, девојка или одмазда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе