До крајот на првиот квартал годинава ќе се знае кој ќе биде приватниот партнер на државата за секундарна гасификација на Скопје, но и на останатите општини.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски за Телма вели дека во трка се два големи турски гиганти, а приоритет за избор по електронската аукција ќе има онаа компанија, која ќе ја даде најевтината понуда за прикучок на граѓаните на секундарната гасификациона мрежа.
Околу 350 милиони евра се очекува да инвестира новиот партнер на државата, кој до домовите, индустриските зони и институциите треба да го донесе поевтиниот енергенс.
Штип и Крива Планка се градовите кои засега имаат готови проекти за секундарната гасификација. Годинава треба да заврши кракот кон Битола и кон Гостивар, а паралелно се работи и на проектирање на гасоводот кон Косово и проектирање на гасоводот и поврзување со Грција.
Гасификацијата на земјава ќе значи поконкурентни стопански капацитети, но и намалување на загадувањето на воздухот во големите градови.
Викторија Јованова