„ Да ги почитуваме мерките и да празнуваме одговорно“ е заедничкиот апел на верските лидери до граѓаните по денешната средба со директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски.
Со оглед на периодот кој ни претстои верските лидери едногласно апелираат до граѓаните да се придржуваат до сите пропишани мерки за заштита од коронавирусот пропишани од здравствените власти, да не го губат трпението, затоа што во пресрет на имунизацијата одговорноста за контролата над вирусот кај секој од нас е највисока. Да празнуваме одговорно, да бидеме во кругот на семејството и да избегнуваме собири, освен кога е неопходно, но со доследно почитување на обврската за одржување дистанца и носење на заштитна маска.
МПЦ и претходно во своите соопштениа во пресрет на новогодишните и божиќни празници упати апел до верниците Божиќните и Богојавленските празници да се прославуваат без нарушување на законските норми за јавни собири кои ги определи Владата. Големиот христијански празник Водици ќе се чествува во кругот на храмовите и ќе изостане традиционалното фаќање на крстот.
Верските лидери на денешната средба разменија и мислења по однос на реформите во основното образование. Тие едногласно бараат надлежното Министерство за образование да ги вклучи во јавната дискусија по предлог измените во законот со цел зачувување и унапредување на наставниот предмет етика во религиите и заштита на правата на наставниците кои го предаваат. Беа разменети и аргументи во однос на предлог Законот за заштита и спречување на насилството врз жената и предлог Законот за даноците на имотот.
Нина Стефанова