Македонија Топ вести

За Педагошки факултет образовните реформи се неприфатливи и избрзани

Педагошкиот факултет, што 73 години едуцира одделенски наставници и воспитувачи за настава од прво до петто одделение, не е вклучен во новите реформски зафати. Наставниот кадар, на чело со деканот Емиљ Сулејмани, во писмо на шест страници, реагира на игнорантскиот однос на МОН и аргументира, зошто нацрт-концепцијата за основно образование е неприфатлива и избрзана.

Вакви коренити промени не се можни без научната фела од области кои се клучни за образовниот систем. Но, вклученоста да се реализира и институционално, а не само индивидуално врз основа на лични контакти. Во услови на пандемија, кога децата се речиси една година дома без физички контакт со наставниците и соучениците, да се форсираат вакви реформи кои бараат тимска работа, споделување на мислења, истражувања, блиска соработка и макотрпна заедничка работа на различни профили и експерти е зачудувачка. Зашто е потребно вакво брзање?, стои во писмото.

Од факултетот посочуваат дека, нацрт-концепцијата има видливи недостатоци кои ќе повлечат цел синџир од проблеми, пред се во  резултатите од учењето, оценувањето, наставните програми и учебниците. Тие се за реформи, но засновани врз сериозни научни анализи и истражувања. Добрите практики од развиените земји, пак, треба да бидат прилагодени на можностите и условите во нашата земја. Укажуваат дека, за вакви сериозни промени е неопходен долготраен истражувачки период, а не анкета спроведена пред само еден месец.

Во Нацрт-концепцијата објавена на 21 декември е вградено толкување на резултатите од анкета спроведена во ноември, но тешко може да се најде научно заснована методологија за ова толкување и за извлечените заклучоци. Доколку не е заснована врз цврсти статистички показатели како појдовна основа за промени, образовната реформа ќе биде осудена на пропаст и ќе упатува на нејасна потреба од нови промени. Воедно, за ваквите реформски зафати се потребни и пилотирање и квалитетна сондажа во различните средини – урбана, рурална и приградска средина, стои во писмото.

Од Педагошкиот факултет се и против интегрирањето на предметите, особено на музичко и ликовно образование.За нив, ова е  девалвирање на уметностите и занемарување на придобивките за развојот на личноста на учениците, како и на естетското воспитание. Поради фактот што децата почнуваат на училиште на помала возраст, сметаат дека, овие предмети треба да бидат уште повеќе застапени, затоа што ги развиваат психомоторните и  визуелните способности.

Голем број на прашања се отвораат и околу воведувањето на изборни предмети. Што ќе биде со учениците кои ќе одберат различни предмети? Како ќе ги стекнат основните знаења по сите предмети за да продолжат во следното одделение? За какво почитување на правата на децата станува збор ако не им се овозможуваат на сите деца еднакви услови за стекнување на знаења во секоја возраст?

Решенијата и одговорите, велат, мора да се бараат во реформа заснована на широк општествен консензус за тоа што преставува квалитетно образование за секое дете. Јавна дебата мора да има, но и да се даде можност за понудените решенија да се изјаснат сите родители на учениците во основното образование, наставниците на сите нивоа на образование, како и експертите од високообразовните институции.

Од Министерството за образование не одговорија на нашите прашања, зошто Педагошкиот факултет и другите компетентни високо-образовни институции не се вклучени во подготовката на реформите? Нема одговор ниту на прашањата, врз основа на кои критериуми е составен тимот кој ја изработил концепцијата и колкави им се хонорарите?

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Телма со детали за убиството во Штип кое личи на сцена од гангстерскиот филм „Кум“- пресметка на двајца турски државјани во кафуле, полициска потера и организирано бегство со две коли

Дејан Дејан

Возачот Васил Јованов призна вина за несреќата во која ја прегази Фросина Кулакова  на пешачки премин

Дејан Дејан

Почнува националната еко акција „Генералка викенд“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе