Свет Топ вести

Американската ФДА одобри итна употреба на вакцината на „Модерна“

Американската Управа за храна и лекови (ФДА) вчера ја издаде дозволата за употреба во итни случаи на вакцината изработена од компанијата „Модерна“, откако претходно сличното одобиение во САД добија и компаниите „Фајзер“ и „БиоНТек“ за нивната заедничка вакцина, пренесесоа британските медиуми.

Американската Управа за храна и лекови го издаде одобрението еден ден откако Советодавниот одбор на агенцијата го одобри лиценцирањето на вакцината развиена од „Модерна“ и една недела откако вакцината беше одобрена за „Фајзер“ и „Бионтек“.

-Со достапноста на двете вакцини против коронавирусот, ФДА направи уште еден клучен чекор во борбата против пандемијата, што досега во оваа земја предизвика голем број хоспитализации и смртни случаи, изјави директорот на Управата, Стивен Хан.

Вакцината на „Модерен“ се очекува да се користи на локациите до кои потешко се доаѓа, како што се руралните болници. Вакцината мора да се чува на ниски температури, но не толку ниски како што се бара за вакцината на „Фајзер“ и „БиоНТек“.

Вакцината е базирана на слична технологија како и вакцината на „Фајзер“ и „БиоНТек“, а се очекува да почне да се користи во следните денови кај лица постари од 18 години.

Нејзината ефикасност е 95 проценти, а се зема во две дози со интервал од 28 дена. По испораката вакцината може да се чува и во обичен фрижидер.

„Модерна“ наведува дека има намера да аплицира за дозвола за целосна употреба во САД во текот на следната година.

Компанијата соопшти дека годинава ќе и достави на американската Влада околу 20 милиони дози. Меѓу 100 и 125 милиони дози на вакцини ќе бидат доставени на глобално ниво во првиот квартал од следната година, од кои меѓу 85 до 100 ќе бидат испорачани во САД.

-Се надевам дека сите Американци ќе ја примат вакцината кога таа ќе стане достапна, рече водечкиот американски епидемиолог, Ентони Фаучи, додавајќи дека тоа е единствениот начин земјата да заздрави и да тргне напред.

Според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс, во САД во последните 24 часа се регистрирани 249.709 нови случаи на коронавирус, што е најголем број на инфицирани во текот на еден ден од почетокот на пандемијата.

Во оваа најзасегната земја од коронавирусот само во последното деноноќие умреле 2.814 лица, пренесе Си-Ен-Ен.

Според Универзитетот Џон Хопкинс, досега во САД се потврдени вкупно 17.459.296 случаи на коронавирус, а умреле вкупно 313.588 лица.

САД се на првото место во светот по вкупниот број на потврдени случаи на Ковид-19, но и по бројот на смртни случаи од инфекцијата.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пакистан ја обвини Индија за ракетни напади врз воени бази

Дејан Дејан

Ким Џонг-ун: Учеството на Северна Кореја во војната во Украина е оправдано

Дејан Дејан

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе