Се претставил како советник на премиерот Заев, вербално ги нападнал пазарните инспектори и завршил во полициска станица. Инспекторите вчера со полни раце работа. Забави без маски и дистанца и непочитување на Ковид протоколите и работното време. Два локали во Тетово ќе останат под клуч од 10 до 30 дена.
Бурна ноќ имало и во два локали во Струга. Забави со над 300 гости. Паднала и кривична пријава.
Најавите пак за масовни журки викендов во струмичкото кафуле Аватар, поминале без проблеми. Инспекторите вчера утврдиле дека сега локалот ги почитувал и протоколите за Ковид 19 и работното време. По објавените видеа на социјалните мрежи од забавите со стотици гости, без маска и дистанца, клубот Аватар во јули беше затворен од пазарните инспектори. Но журките и видеата од нив продолжија и по отворањето, а минатиот викен заработи и кривична пријава од полицијата. Клубот сега е пререгистриран во кафуле, а инспекторите тврдат вчера имало 180 до 200 гости, но немало прекршоци.
Вчера пак беше пломбиран и локалот во ТЦ Бисер во скопска Аеродром кој ја организираше првосептемвриската забава за средношколците.
Но и покрај контролите и казните масовните журките низ земјава не престануваат. Инспекторите најавуваат дека нема да запрат ниту нивните контроли.
Александра Филиповска