Своите потписи на договорот во Белата куќа ги ставија српскиот претседател Александар Вучиќ , косовскиот премиер Авдула Хоти и американскиот претседател , Доналд Трамп.
Потпишувањето се случи со ненајавено одложување, откако косовската делегација не заминала навреме кон Белата Куќа. Како што пренесуваат известувачите од Вашингтон, причина за тоа е несогласувањето со делови од договорот кое го истакнал поранешниот премиер и лидер на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај.
Тројцата потписници во изјавите го издвојуваат тоа што за нив е најважно.
Вучиќ истакна дека станува збор за билатерален договор со САД а не и трилатерален со Косово, кое не го доби признавањето од официјален Белград кое го посакува. Косовскиот премиер, кој очигледно беше под притисок од опозицијата , се надева дека договорот на крајот сепак ќе доведе до взаемно признавање меѓу двете држави.
“Вашата посветеност за стабилизација на регионот и придонесување кон мирот и стабилноста во регионот е нешто што многу го почитуваме. Тоа е нешто што е од национално значење за нас. Зборувајќи за економијата секако, кога зборуваме за политиката, ние се уште не сме ги решиле сите наши проблеми. Се уште постојат многу разлики меѓу нас. Но, ова е голем чекор напред. Јас сум повторно длабоко благодарен за вас и вашите луѓе, затоа што успешно не донесовте тука” – изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.
“Мислам дека ова апсолутно е одличен момент за Косово и за регионот. Мислам дека направивме голем исчекор напред кон целосна нормализација на односите која конечно треба да доведе до взаемно признавање меѓу двете држави. Ние сме целосно посветени на заедничката работа за подобрување на животите на луѓето, за создавање нови работни места во регионот” – вели премиерот на Косово, Авдула Хоти.
Покрај очигледната дипломатска победа за својата администрација пред ноемвриските претседателски избори во САД, Трамп со договорот меѓу Србија и Косово ја засилува и позицијата на Израел на меѓународната сцена. Изненадувачки, во економскиот договор меѓу властите во Белград и Приштина, двете страни прават значаен исчекор и во односите со еврејската држава.
“Косово и Израел договорија нормализирање на врските и воспоставување на дипломатски односи. Србија е посветена на отворање на трговско претставништво во Ерусалим овој месец и пренесување на својата амбасада во Ерусалим во јули. Тоа е фантастично. Навистина голема работа. Тоа е многу голема изјава” – оцени Трамп.
Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел кон крајот на 2017-тата година и ја пренесе американската амбасада таму во Мај 2018-тата.
Оваа одлука беше критикувана од повеќето европски држави и палестинците, чиј конфликт со Израел останува неразрешен.
Администрацијата на Трамп неодамна посредуваше и во договорот со кој Израел и Обединетите арапски емирати ги нормализираа односите а се најавува дека слична одлука може да биде постигната и со Судан, Бахреин и Оман.
Никола Илиевски