Стопанска, Комерцијална, НЛБ и Халкбанка се четирите банки преку кои ќе се одвива исплатата на депозитите до 30 илјади евра од штедачи чии пари останаа заробени со стечајот во Еуростандард банка. Одлуката денеска ја донесе Фондот за осигурување на депозити, од каде објаснуваат дека четири банки се избрани за да се избегнат масовни собири и гужви во време на пандемијата.
Фондот соопшти: Банки – исплатувачи преку кои ќе се врши исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити, избрани се следните 4 (четири) банки:
- Стопанска банка АД Скопје
- НЛБ Банка АД Скопје
- Халкбанк АД Скопје
- Комерцијална банка АД Скопје,
Вкупно 136.619 штедачи имаат депозити под 30 илјади евра во Еуростандар банката беа првичните информации. Меѓу нив е и министерката за финансии Нина Ангеловска која во моментот има 534 евра на сметка во Еуростандард, иако претходно во изминатата година додека траела ревизијата во два наврати извлекла над 200 илјади евра кои ги вложила во инвестициски фонд и во купување на стан. Ангеловска поради извлекувањето сега не е на листата од 780 граѓани кои имаат поголеми штедни влогови од 30 илјади евра и тие ќе ја добијат таа гранична сума, а за остатокот ќе го бараат преку стечајната постапка. Депозитите треба да почнат да се исплаќаат за најмногу 13 дена и дотогаш стечајниот управник треба да го подготви списокот на штедачите. Од Фондот убедуваат дека се преземаат мерки за исплатата да почне што побргу.
Веднаш по добивањето на Конечниот список за депозитите на физичките лица кои се предмет на обесштетување, од стечајниот управник на „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај, Фондот за осигурување на депозити ќе ги распредели депонентите по банките – исплатувачи и ќе ги извести во која банка – исплатувач ќе бидат распределени за подигнување на исплатата на обесштетувањето на нивните осигурени депозити, се вели во Соопштението на Фондот за осигурување на депозити.
Од стечајниот управник Душко Тодевски се чека и информација за начинот како граѓаните со земен кредит од Еуростандард ќе треба да продолжат со враќање на парите и како фирмите кои имаат сметки таму ќе станат доверители на Еуростандард во стечај. Тодевски денеска го правел и првиот увид во книгите на банката откако во службен весник ја испратил објавата за решението за отварање стечајна постапка на Еуростандард.
Миомир Серафиновиќ