Денеска во Токио требаше свечено да бидат отворени 32-те Летни олимписки игри, но поради пандемијата со Ковид 19 тие како и голем број спортски настани се одложени за следната година.
Стартот на најголемото спортско натпреварување е поместен за 365 дена и ќе биде отворено на 24 август следната година.
Ова е прв пат во историјата Олимписките игри да се поместат за 12 месеци откако претходно тие се откажуваа поради Првата и Втората Светска војна.
На денот кога требаше да почнат Игрите се огласи првиот човек на олимпиското движење Томас Бах, кој ја најави кампањата “Заедно посилни” со која ќе се промовира солидарноста и единството потенцирајќи ја моќта на спортот, а посебно на Олимписките игри за заедништвото меѓу луѓето.
Кампањата ќе се промовира преку дигиталните и социјалните платформи преку која ќе им се даде поддршка пред се на спортистите, но и на сите жители на планетава во овие тешки моменти.
Првиот човек на Организацискиот комитет, Јоширо Мори потенцираше дека не се сомнева дека јапонската престолнина следната година ќе биде домаќин на најдобрите спортисти на светот и дека очекува Игрите во Токио да се одржат во присуство на гледачи бидејќи ова натпреварување е незамисливо без нив.
Организаторите најавија дека ќе ги намалат трошоците и дека ќе овозможат тие да се одржат без никаков проблем.