Вести Македонија

Кој калкулира, а кој менува страна – најави за средби и разговори неделава

Кој „калкулира“ заедно со Таравари, а кој менува страна?! Многу работи ќе се разјаснат во следните денови, уверува претседателот на Владата, но засега ниту тој нема прецизен одговор – кој ќе го наследи Таравари на фотелјата во Здравство.

Денешниот ден донесе нова оставка – заменик-министерката за одбрана и кадар на Алијанса за Албанците,  Елфете Исмаили, објави дека ја напушта Владата.

Од друга страна, вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи веќе се дистанцираше од лидерот на крилото на партијата и порача дека „нема да дозволи враќање на ДУИ“, застанат на страната на „оние кои не дозволиле Алијансата да стане алатка за лични интереси“.

Но, дали тој ќе остане да ја врши функцијата или ќе биде разрешен, ќе се знае по разговорите на премиерот Мицкоски со коалициските партнери.

„Оваа недела многу работи ќе бидат појасни. Јас очекувам да се видам со луѓето коишто се во Вреди и да поразговараме за иднината на Владата, на коалицијата, со една јасна програма до локалните избори и потоа. Така што, многу работи ќе бидат појасни оваа недела. Но, едно е јасно, а тоа е дека на помалку од пет месеци до почетокот на кампањата за локалните избори се диференцираат два блока“, кажа Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС. Македонија. 

Во крилото на Алијанса за Албанците кое го води Таравари веќе почнаа превирања околу одлуката за напуштање на Владата. Прв се спротивстави членот на претседателството, Сабри Азири, а преку социјалните мрежи оставка од пратеничката и сите партиски функции во Алијанса најави Салим Сулејмани.

А, Таравари испрати порака до поранешните колеги од власта – „блиску е октомври, вистинската моќ е народот“.

Министерот за европски прашања, Муртезани, во името на Вреди му одговори на Таравари со прогноза за уште „прелети“ од редовите на Алијанса.

„Сите случувања во Алијанса за Албанците предводена од Таравари се знак дека одлучноста на структурите и подготвеноста да не завршат во прегратките на Али Ахмети се многу поголеми од калкулациите на Таравари. Според нашите неофицијални информации тие ќе продолжат, револтот кај сите поддржувачи, симпатизери, функционери таму е многу голем. Така што, да почекаме во наредните денови мислам дека тој тренд ќе продолжи“, кажа Орхан Муртезани, министер за европски прашања. 

Додека Вреди го обвинува Таравари дека се договарил со ДУИ, најава за средба со лидерот на Алијанса има и од страна на лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче.

„Мислам дека најдобар доказ за тоа што се случува во владината коалиција и генерално што се случува во државата, е тоа што владината коалиција практично се распаѓа. Нецела година дена после формирањето заминуваат коалициони партнери. Таравари беше еден клучен фактор од албанскиот блок којшто се приклучи на оваа Влада. Средбата со Арбен Таравари ја одложивме за оваа недела, овие денови ќе се сретнам со него“, вели Венко Филипче. претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. 

Оставката на Таравари од позицијата министер за здравство ќе биде констатирана утре. Во меѓувреме, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денеска кажа дека е подготвен да прифати да седне во фотелјата ако добие таква понуда, но само под услов да има соодветна замена за него во ФЗО.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Штипјанец кој палел огномети, со години ја лажел полицијата дека има фирма за таа намена

Дејан Дејан

Трамп и Путин согласни за крај на војната во Украина

Дејан Дејан

Тахири: Ова е политички момент кој Таравари ќе сака да го употреби за да го оправда неговото политичко дејстувување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе