Само врз основа на биографиите, претседателката Сиљановска не можела да донесе конечна одлука за тоа, кој ќе биде следниот гувернер на Народна банка. Вчера разговарала по еден час со сите поединечно, се интересирала и за нивната работа и придонеси на позициите на кои биле претходно и одлучила дека ќе ѝ бидат потребни уште два – три дена за размислување.
Причината е мојот разговор со тројцата кандидати, сите се инзвонредни, ме запознаа со она што го правеле во животот, кога разговарате со секој од нив повеќе од час, час и половина, во голема дилема сте. Затоа јас ги информирав и нив а и јавноста а и Собранието, после дополнителни консултации ќе го поднесам конечниот предлог, рече претседателката.
За одложувањето на одлуката која сите ја очекуваа денеска, Сиљановска се повикува на став 3 од член 55 од Закон за Народна банка.
Член на Советот на кој му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон.
Дополнителен аргумент ѝ е фактот што гувернерот претседава со Советот, оттаму е и опфатен со оваа одредба од законот.
Оваа одредба е внесена во Законот за Народна банка во мај минатата година на препорака на ММФ, со цел да се одржи континуитет во работењето на институцијата во случај, до истекот на мандатот да не се избере нов гувернер.
Во јавноста се шпекулира дека одлуката се одолговлекува затоа што претседателката и премиерот имаат различни фаворити, но тој негира.
Не, не сме разговарале за една личност, разговаравме за повеќе личности, нема недоразбирања. Деновиве ќе треба уште еднаш да се видиме, да разговараме и потоа сум сигурен до крајот на неделата или во рамките на оваа недела би требало од кабинетот на претседателката да дадат одговор кога ќе биде испратен предлогот за нов гувернер, рече Мицкоски.
Опозицијата обвинува за сериозен партиски притисок за избор на гувернер.
Меѓу тројцата кандидати е и актуелната гувернерка, Анита Ангеловска Бежоска, покрај Трајко Славески и Зоран Ставрески.
Славевски е актуелен претседател на Совет на Град Скопје и поранешен министер за финансии. Но, тој е и член на Извршен комитет на ВМРО ДПМНЕ, а гувернерот и вицегувернерите, според закон, за време на мандатот не смеат да бидат членови на политичка партија или синдикат.
Тие се професионално ангажирани и не смеат да имаат друг работен ангажман без оглед дали за тоа добиваат надоместок или не, освен ангажман како универзитетски професор, во научноистражувачка институција и во меѓународна финансиска институција и не смеат да бидат сопственици на капитал во финансиска институција во Македонија.
Поранешниот министер за финансии и вицепремиер, Зоран Ставревски, за кого се шпекулира дека е најсериозниот кандидат за функцијата, во моментов е советник на премиерот за финансии и банкарство.
Тој не е член на актуелните партиски органи, иако за време на министерскиот мандат исто така беше член на извршниот комитет. Има работно искуство во Светска банка, беше чувар на државната каса повеќе од шест години и десна рака на екс-премиерот Груевски кој е во бегство.
Бежоска дојде на функцијата на предлог на претседателот Иванов, откако претходно дотогашниот гувернер, Димитар Богов, ја повлече кандидатурата која се проблематизираше затоа што парламентраното мнозинство прати порака дека нема да го поддржи за уште еден мандат.
Таа е и прва жена на функцијата гувернер. Во својот мандат се соочи со низа економски предвизвици, глобални економски кризи и инфлациски притисоци.
Инфлацијата во 2022 година беше двоцифрена, додека за годинава НБРМ во мартовските прогнози предвидува дека годишината стапка на инфлација ќе биде 2,3 отсто.
Основните каматни стапки од 1,25 во 2021 година , стигнаа на 6,3 отсто во септември 2023 година и сега се намалуваат и изнесуваат 5,35 %.
Меѓу последните потези на Бежоска е зачленувањето на Македонија во СЕПА.
Далиборка Демјанска Цветановска