Рускиот претседател Владимир Путин е заинтересиран да разговара за траен мир со Украина. Го предлага Истанбул како место за евентуални преговори.
„И покрај сè, предлагаме властите во Киев да ги продолжат преговорите што ги прекинаа на крајот од 2022 година. Да продолжат директните преговори и, нагласувам, без никакви предуслови. Предлагаме да почнат без одлагање следниот четврток, на 15 мај, во Истанбул, каде што се одржаа претходно и каде што беа прекинати.“ – истакна Владимир Путин, претседателот на Русија.
Оваа изјава на Путин доаѓа неколку часа откако европските лидери заедно со САД повикаа на 30 дневен прекин на огнот и почеток на директни преговори меѓу Русија и Украина.
Портпаролката на руското министерство за надворешни, Марија Захарова објаснува дека Путин смета дека прво треба да се одржат преговори за основните причини на конфликтот, а потоа да се разговара за примирје.
Путин ги спомна и неуспешните мировни разговори од 2022 година кои се одржаа во Истанбул и предложи да се продолжат овие разовори, без никакви предуслови.
„Ние сме посветени на сериозни преговори со Украина. Нивната цел е да се елиминираат основните причини за конфликтот, да се воспостави долгорочен, траен мир за историска перспектива. Не исклучуваме дека за време на овие преговори ќе биде можно да се договори некое ново примирје, нов прекин на огнот.“ – истакна рускиот претседател.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски овој чекор на Русија го оцени како позитивен, но нагласи дека првиот чекор кон тоа е прекин на огнот од утре, 12 мај.
Добар знак е што Русите конечно почнале да размислуваат за прекин на војната. Секој во светот долго време го чекаше ова. Сепак, првиот чекор кон вистински крај на секоја војна е прекин на огнот. Бесмислено е убиствата да продолжат дури и еден ден. Очекуваме Русија да го потврди прекинот на огнот – целосно, трајно и сигурно – од утре, 12 мај“, напиша Зеленски на украински и англиски јазик на мрежата Икс.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека е подготвен да биде домаќин на мировни преговори меѓу Украина и Русија, а аналитичарите оценуваат дека сериозни разговори би значеле огромни промени во позициите на двете страни. Германскиот канцелар Фидрих Мерц истакна дека прво мора да престане пукањето пред да се започнат било какви разговори. Очекува Москва да се согласи на прекин на огнот.
Марија Коцева