На Клиниката за онкологија веќе неколку недели недостасува дел од биолошката и имунолошката терапија за пациенти со различни типови на канцер. Додека дел од пациентите примаат заменска терапија, други воопшто не добиваат лекови, бидејќи за нив нема соодветна замена.
„Недостасува терапија за повеќе типови на канцер, како белодробен рак и рак на дојка. Кај одредени пациенти каде што имаше можност да се даде заменска терапија тие веќе ја користат, но голем дел од лековите не се заменски и тие пациенти овие недели се оставени без терапија“, објасни Ана Марјановиќ од здружението ХЕМА-ОНКО.
Министерот за здравство, Арбен Таравари со поразлични информации од пациентите. Тој вели дека лековите недостасувале само неколку дена и тврди дека за сите нив имало замена. Според него, по празниците, лековите ќе бидат повторно достапни.
„Од вторник сите лекови ќе бидат достапни за сите. Во меѓувреме за сите лекови кои недостасуваат има заменска терапија. Треба да размислуваме и за промени во законот за да не ни се случуваа поради административни причини да недостасуваат лекови“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Во меѓувреме, Државниот санитарен и здравствен инспекторат денес извршил увид на Кардиохирургија во Скопје, по смртта на пациент чии блиски велат дека не бил опериран навреме поради недостапност на сала. Министерот Таравари рече дека пациентот бил примен, но за кратко време починал. Според него, не е точно дека немало услови за прием, туку се чекало да се стабилизира крвниот притисок.
„Дисекција на аорта – тоа е сериозна дијагноза, барем колегите коишто се по здравство – доктори или здравствени работници, знаат. Пациентот бил примен на Клиниката и преземени биле сите мерки бидејќи имал хипертензија за да може да се стабилизира, а потоа да се оперира, но за жал починал“, раскажа Таравари.
Министерот тврди дека нема лекарска грешка, кажа дека семејството одбило обдукција, но стручна комисија ќе го разгледа случајот откако ќе пристигне извештајот од ДСЗИ.
Тамара Марковска