За шокот и стресот тој 16-ти март и сликата пред Ургентниот центар дури сега можам да зборувам. Во тие мигови, веднаш по првиот повик, неколку минути пред 4 часот, веднаш се упатив кон работа. За помалку од половина час сите бевме таму, целиот тим, вели Драгевска-Ѓорѓиева, главна медицинска сестра на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Хирургијата е тимска работа и важно е да се споменат луѓето за кои често пати забораваме да потсетиме, вели таа.
„Нашите болничари кои ретко се споменуваат во оваа криза, но целиот тој транспорт и движење на пациентите од една до друга клиника за да биде брзо и навремено зависи од многу луѓе. Во тие моменти само се работеше, ниту се гледаше на времето, ниту колку часови поминавме. Некои беа повеќе од 24, од 30 часа на работа“, изјави Ивана Драгевска Ѓорѓиева, главна медицинска сестра во ЈЗУ Клиника за пластична и реконструктивна хирургија.
Во овој миг на сите ни е потребна психолошка поддршка без оглед дали ќе си признаеме или не. Знам дека имаше моменти во кои само молчевме и плачевме, вели Драгевска Ѓорѓиева која 20 години е медицинска сестра.
„Би сакала и на другите да им кажам и алудирам на колешките од Кочани. Тие кои беа први на лице место, најмногу сочувствувам со нив. Ако ние го поминавме ова вака тешко, како им било ним“, додаде Драгевска Ѓорѓиева.
Во моментов, дел од пациентите кои беа хоспитализирани во земјава и странство доаѓаат на преврска во амбулантите и претстои период на рехабилитација, која кај секој пациент е индивидуална, но кај некои може да трае и повеќе години. Во овој миг најважно е да бидат трпеливи и упорни да ги следат препораките на медицинските лица, вели Ѓоргиевска- Павловска.
„Тука не е е само повредата, туку и сосема други моменти. Раздвижување на прсти, на рака. Лузните како ќе созреваат т.е изгорениците,тие деца воопшто не смеат да видат сонце ова лето, тоа им се кажува и како препорака на секое доаѓање кај нас. Треба да функционираат ноќе или рано наутро или доцна попладне кога нема сонце. Кога ќе излегуваат да имаат заштитни ракавици, долги ракави, памучни кошули. Памучна капа која ќе покрива цела глава и вратна регија“, изјави д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, директорка на ЈЗУ Клиника за пластична и реконструктивна хирургија.
Во меѓувреме сите тимови продолжуваат да функционираат според протоколите на Светското здружение за изгореници.
Нина Стефанова