Во Oпштина Шуто Оризари како и секогаш e раздвижено. Низ улиците има многу возила и луѓе. На секој чекор се забележуваат ромски знамиња, а граѓаните со гордост си го честитаат празникот, Меѓународниот ден на Ромите.
„Ги поздравувам сите Роми и им го честитам нашиот празник“, честиташе граѓанин.
Но, зад празничната атмосфера, се провлекуваат истите маки со кои секојдневно се соочуваат жителите. Велат – јавниот превоз не е редовен, сметот не се собира редовно, во општината нема ниту еден банкомат, а многумина сè уште немаат ниту лични документи. Кога одат да вадат документи, наидуваат на пречки – не знаат во која институција за што да се обратат, а јазичната бариера и недоволната поддршка често ги обесхрабруваат. Некои велат дека се соочиле и со дискриминација.
Се планира во општинската зграда да се отвори Граѓански ресурсен центар. Таму, институциите ќе можат да ги понудат своите услуги на локално ниво, блиску до граѓаните.
„Мислам дека ова со Центарот е позитивна работа. Ќе се олесни товарот на граѓаните, нема да имаат потреба да трчаат лево десно и ќе имаат можност во близина да ги извадат документите кои им се потребни“, смета граѓанин.
„Мислам дека ќе биде олеснително ова со центарот. Тоа е многу добар чекор напред. Не знам кој го организирал тоа, ама само може да му честитам на идејата“, вели жител.
„Сметам дека успешно ќе функционира центарот“, заклучува граѓанин.
Засега, општината е во преговори со повеќе надлежни институции. Се очекува тие наскоро да отворат шалтери, каде што граѓаните ќе можат да добијат здравствено осигурување, помош при вработување или пензиска поддршка.
„Имаме проблеми со редовното пријавување на Ромите во Агенцијата за вработување. Стапивме во контакт со нив ќе се овозможи тие услуги да бидат достапни на локално ниво. Ги контактиравме Фондот за здравствено осигурување и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но од нив немаме одговор дали ќе дојдат“, изјави Курто Дудуш, градоначалник на општина Шуто Оризари.
Според неофицијалните информации во моментов има стотина Роми без лични документи. Целта е до крајот на годинава ниту еден жител на Шуто Оризари да не остане без лични документи. Надежта на сите граѓани е дека со овој Центар ќе добијат еднакви права, достапни услуги и достоинствен живот.
Тамара Марковска